Поранешната новинарка, а сега вработена во Секторот за односи со јавност на претседателот Стево Пендаровски, Катерина Цаневска-Арсовска, е уште една од 20-те сведоци што денеска се појавија на судското рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ да сведочат како оштетени во аферата со масовното прислушување.
Во периодот на прислушувањето таа работела како новинар и уредник на „Вести“ во А1 ТВ, во порталот А1Он, како портпарол во една фирма и во Општина Центар.
Цаневска кажа дека и биле следени четири телефонски броеви, три службени (од А1 ТВ, од А1он и од Општина Центар), а другиот ѝ бил приватен на кого била следена околу една година.
Таа рече дека откривањето на прислушувањето само го потврдило тоа во што се сомневаат – дека биле следени, а сподели и пример.
„Се случуваше како уредник на ‘Вести’ да подготвуваме одреден прилог и да комуницираме со новинарите и уредниците преку телефон. Се случуваше ‘Вестите’ на А1 да почнуваат во 7 часот, а ние во 5 до 7 да добиеме реакција или демант од Владата на прилог што не е емитуван. Не може никој да знае што содржи одреден прилог пред да се емитува, а ние имавме веќе деманти“,
раскажа Цановска-Арсовска.
По неа сведочеше и главниот и одговорен уредник на А1 ТВ во периодот од 2008 до 2011 година, Младен Чадиковски, кој потоа во периодот на прислушувањето беше уредник и во неделникот „Фокус“.
„Сознанијата дека сум прислушуван добив во 2015 кога на прес-конференција на тогашната опозициска партија беше обелоденето моето име и ми беше дадена папка со мои разговори. Претходно сум имал сомненија, но не можев да потврдам“,
изјави Чадиковски кој рече дека може да ја потврди автентичноста на разговорите.
И тој и Цаневска-Арсовска рекоа дека се чувствуваат оштетени и најавија отштетни побарувања. Повеќето од 20-те сведоци се новинари и уредници чии броеви биле следени. Тие сведочат по предлог на обвинителството. Одговараат на прашањата на обвинителката Ленче Ристоска, која е една од обвинителите кои уште од времето на СЈО го водеа овој случај.
Тие останаа надлежни и по преземањето на предметите од СЈО од страна на редовните обвинителства. Судскиот процес го води судијката Џенета Бегтовиќ, а втор судија е Владимир Туфегџиќ.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броја. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и неколку вработени во поранешната УБК.