Новинарските стории се посветени на ситуацијата со коронавирусот
Новинарите на „360 степени“, Хекуран Акифи и Зоран Јованоски, се добитници на третата награда и на пофалница од Советот за етика во медиумите (СЕММ) за новинарски стории на тема ковид-19.
Хекуран Акифи е добитник на третата награда за две стории објавени во емисијата „360 степени“ на Алсат М од 16 март и од 26 мај.


Првата сторија е „360 степени во с. Баланци и во Дебар непосредно пред прогласувањето кризна состојба“.
Втората сторија е „Најголем број од новозаразените во последните недели се од неколку скопски општини и од Тетово – слика од терен“, од 26 мај.
„Низ силен новинарски и снимателски ангажман, претставени се две тогаш актуелни жаришта на кризата со коронавирусот обработувајќи ги сите релевантни аспекти на пандемијата и претставувајќи ги проблемите на сите вклучени страни“,
рече во образложението Венера Азизи, претседателка на жирито на СЕММ.


Пофалницата за Јованоски е за две стории: Истражувањето „Зошто ги нема, а и ако ги најдете се поскапи – маските, средствата за дезинфекција, ракавиците“ и „Во струшко Лабуништа раздвижено и по 5 починати и 20-ина заразени од коронавирусот“.
„Двете стории обработуваат исклучителни теми поврзани со кризната ситуација нудејќи информации за состојбата со пандемијата и за клучните проблеми и предизвиците и можните решенија“,
рече Азизи.
