Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) изразуваат сериозна загриженост поради целосниот застој на постапката за избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија.
Во заедничко соопштение, тие ги повикуваат претседателот и членовите на собраниската Комисија за избори и именувања да го отпочнат процесот за избор на членови на овие тела. Четирите организации сметаат дека секое попречување или одолговлекување на процесот сериозно ќе влијае врз спроведувањето на процесот на медиумски реформи во државата.
„Од изборот на членови во овие тела директно зависат долгоочекуваните системски промени во медиумската сфера, кои треба да овозможат медиумите да работат независно и професионално“,
пишува во заедничкото соопштение.
Тие потсетуваат дека медиумските реформи се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, факт нотиран и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“.
Четирите организации очекуваат транспарентен и правичен избор на членовите на двете тела врз основа на нивната стручност.
Во заедничкото соопштение потсетуваат дека конкурсот беше отворен во јануари годинава, а одлуката за избор на членовите на двете тела требаше да се случи веднаш по претседателските избори.
„Укажуваме дека Владата, Парламентот, но и сите политички чинители имаат одговорност сериозно да пристапат кон овој процес и да се стават над партиските интереси за да се спречат понатамошни штети во медиумскиот сектор“,
се подвлекува во заедничкото соопштение на ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ.