Од Комисијата за заразни болести вчера дадоа препораки за засилен инспекцискиот надзор на ДСЗИ во градинките, да се овозможи тестирање за голема кашлица низ целата држава и дигиталната евиденција за вакцинација на децата во вакциналните пунктови да биде задолжителна
Нови три случаи на заболени со голема кашлица се регистрирани денеска во Скопје. Со тоа бројот на заболени во Скопје достигна 141, вели доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје во изјава за МИА.
Вчера, од Комисијата за заразни болести рекоа дека најмногу заболени има во Скопје, но дека регистрирани се случаи и во Дебар, Струмица и Тетово. Сепак, според Комисијата не може да се каже дека состојбата на национално ниво се разгорува.
По вчерашниот состанок од Комисијата дадоа препораки да се засили инспекцискиот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за да се види навистина состојбата во градинката со вакцинирани и невакцинирани деца, да се овозможи тестирање за голема кашлица низ целата држава од центрите за јавно здравје за кое досега немаше таква можност, а дигиталната евиденција за вакцинација на децата во вакциналните пунктови да биде задолжителна за подобар преглед.
Од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни, а предност ќе се дава на оние што живеат со деца кои се под посебен ризик да заболат од пертусис и кај кои ќе има тешка клиничка форма на болеста, а тоа се децата до две години. Исто така, предност ќе имаат и вработените кои се во директен контакт со децата кои се на оваа возраст, како и бремените жени.
Од Комисијата за заразни болести најавија дека вакциналните пунктови во Скопје и во наредниот период ќе продолжат со работа во две смени.