САД продолжуваат да ги нарушуваат руските воени синџири за снабдување и да наметнуваат големи трошоци за оние кои му помагаат на претседателот Владимир Путин, како и на секој што ја поддржува бруталноста на Русија против својот сосед, вели американскиот државен секретар
САД денеска објавија дека воведуваат нови санкции против Русија со цел да го нарушат синџирот на снабдување на рускиот воен апарат и финансиските мрежи поврзани со Кремљ, вклучително и компании во Франција и Швајцарија.

Според најавите на американското Министерство за финансии и Стејт департментот санкции се воведени за руската компанија за електроника „Миландр“ и за компаниите во Ерменија, Тајван и Швајцарија поврзани со таа руска компанија.
„Како одговор на неиспровоцираната војна на Москва против Украина, САД продолжуваат да ги нарушуваат руските воени синџири за снабдување и да наметнуваат големи трошоци за оние кои му помагаат на претседателот Владимир Путин, како и на секој што ја поддржува бруталноста на Русија против својот сосед“,
изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Вашингтон воведува санкции и за членовите на семејството на рускиот олигарх Сулејман Керимов, кој веќе е под руски санкции, вклучувајќи ја и една од неговите ќерки Гулнара Керимова, која поседува четири агенции за недвижности во Франција.
Санкции беа воведени и за швајцарската државјанка Лорен Кац, која раководи со тие агенции.
Новите ограничувања се насочени кон менаџментот на руско-малтеската авиокомпанија „Император авијација“, која организира луксузни патувања за семејството Керимов.
Меѓу лицата кои се санкционирани е и Александар-Валтер Стоудхалтер, кој има клучна улога во финансиската мрежа на семејството Керимов, како и рускиот бизнисмен Мурат Алиев и субјекти поврзани со него, се вели во соопштението за печатот.
Исто така, на новата листа се уште две холдинг компании со седиште во Швајцарија поврзани со Андреј Григориевич Гуриев, поранешен руски сенатор близок до Владимир Путин.
Американските санкции ги замрзнаа можните средства на тие лица во САД и забранија каква било интеракција меѓу нив и американски или други банки.