Две недели откако беа укинати речиси сите рестрикции, Холандија реши да воведе нови поради растот на новозаразени од ковид-19, предизвикан од позаразната делта-варијанта.
Холандскиот премиер, Марк Руте на прес-конференција денеска ги потврди најавите дека од утре целосно се затвораат ноќните клубови и дискотеки, а останатите угостителски објекти ќе може да работат најмногу до полноќ.
Кафулињата и рестораните ќе може да примаат гости само за седење и ќе треба да се одржува растојание од 1,5 метар. И на спортските натпревари и други настани присутните ќе може само да седат и задолжително ќе треба да одржуваат дистанца едни од други. Иако е задолжително на настаните да се седи, држењето растојание нема да биде потребно доколку посетителите имаат негативен тест за коронавирусот односно сертификат дека прележале ковид-19 или се целосно вакцинирани.
Денеска и Малта најави рестрикции. Оваа земја станува првата во ЕУ која воведува забрана за невакцинирани лица односно повеќе нема да прифаќа негативен тест за коронавирусот како услов за влез.
„Ние ќе бидеме првата земја на Европската унија што ќе донесе оваа одлука, но мора да го заштитиме нашето општество“,
рече министерот за здравство Крис Ферн на прес-конференција.
Досега, туристите можеа да влезат на Малта доколку беа целосно вакцинирани или приложеа негативен ПЦР тест. Единствен исклучок досега беа британските туристи на кои им е дозволен влез само доколку се целосно вакцинирани.