Освен во Нови Сад, вечерва протести има и во Ниш, Крагуевац, Зрењанин, Лесковац, Краљево

Вечерва во неколку градови во Србија се организираа протести по синоќешниот напад врз студентите во Нови Сад, во кој неколкумина беа повредени.
Во Нови Сад, студентите се собраа во Универзитетскиот кампус, од каде што тргнаа на прошетка по една од најфреквентните сообраќајници во градот, а пред канцеларијата на Српската напредна странка (СНС), каде што синоќа се случи инцидентот, им се приклучија голем број граѓани.
На протестот, како што пренесуваат српските медиуми, граѓаните биле дојдени со тапани, труби и вувузели и скандирале „Сакаме правда“.
Дел од студентите на протестот имале крвави отпечатоци од рацете на нивните лица, како одговор на нападот на колешката што беше повредена претходната вечеср.
Студентите што ѝ се обратија на толпата пред Српската напредна странка рекоа дека им е доста од насилство.
„Се сеќаваме на имињата на нашите нападнати колеги и им ја нудиме нашата поддршка. Ова не е само наша борба, ова е борба на сите оние кои се борат за слобода и достоинство. Сега е време да направиме повеќе за да ги спречиме овие напади засекогаш. Повикајте ја полицијата да застане покрај нас“,
рече една од студентките.
Коментирајќи ги оставките на премиерот Милош Вучевиќ и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, еден од студентите порача дека тие не се доволни и оти бараат кривична одговорност.
„Студентите нема да се откажат, барањата мора да се исполнат“,
рече тој.

По говорот, граѓаните се упатија на протестна прошетка низ централните градски улици. За време на прошетката тие накратко застанаа и пред полициската станица на булеварот „Крал Петар Први“, каде извикуваа „Стани Србија“ и „Застани со народот“, пренесува регионалниот сервис на Радио слободна Европа (РСЕ).
Демонстрантите носат транспаренти „Дијалог“ со илустрација на крвава бејзбол-палка како алузија на тепањето студенти и претходниот повик на режимот за дијалог. Тие извикуваат „Доста е крв“, „Сите за еден, еден за сите“, „Бојата ќе се измие, крвта не“ и „Уапсете го Вучиќ“.
На чело на колоната се моторџии и трактористи од Војводина, кои претходно им даваа поддршка на студентите кои повеќе од два месеци блокираа над 60 факултети во земјата.
На протестот организирано доаѓаат и средношколци од Нови Сад, придружувани од голем број родители.
Протест за поддршка на претепаните студенти се одржа и во Ниш. Студенти и граѓани се собрале пред зградата на судот во центарот на градот.

Граѓаните биле собрани со тапани, српски знамиња и транспаренти со натписи „Вчера дијалог, денес бејзбол-палки“ и „Вратете ни ја државата“.
Како што пренесува локалниот портал „Јужне вести“, демонстрантите застанале пред седиштето на Српската напредна странка во Ниш, кое го ишарале со графити и извикувале „Убијци“ и „Рацете ви се крвави“.
Протест во знак на солидарност со претепаните колеги одржаа и студенти од факултетите во Крагуевац, на кои им се придружија и граѓаните на тој град.
Тие се собрале во зградата на Безбедносно-информативната агенција (БИА) и оттаму ја почнале протестната прошетка низ централните градски улици кон канцелариите на Српската напредна странка.
Насобраните со свирежи скандирале „Рацете ви се крвави“, „Нема да нè газите“, „Убијци“.
Вечерва група белградски студенти се собрале пред Ректоратот во Белград во знак на протест поради нападот врз нивните колеги во Нови Сад.
Како што пренесува РСЕ, тие свират, трубат и извикуваат „Сите на улица, ги нападнаа студентите!“ Насобраните ги повикуваат граѓаните да се приклучат на блокадата на три моста во Нови Сад, која студентите од овој град ја најавиле за 1. февруари.
Протести вечерва, според српските медиуми, има и во Лесковац, Зрењанин, Краљево.
Денешните протести доаѓаат откако за време на синоќешните блокади во Нови Сад, како што објавија студентските организации на социјалните мрежи, група студенти биле нападнати од непознати лица.
Во инстаграм-објавата, студентите наведуваат дека четворица мажи со бејзбол-палки бркале група студенти кои ставале налепници и пишувале пароли низ Нови Сад. Инцидентот започнал пред просториите на владејачката Српска напредна странка (СНС), каде што студент и студентка на Медицинскиот факултет во Нови Сад залепиле налепница на корпа за отпадоци. Од просториите на партијата во тој момент излегле двајца мажи.
Српската полиција денеска информира дека уапсила четири лица кои се осомничени дека нападнале две момчиња и три девојки.
„Во нападот една девојка е тешко повредена, а едно момче полесно“,
се вели во соопштението од српската полиција.
Оттаму додаваат дека на сите четворица им е одредена мерка притвор до 48 часа и ќе бидат изведени пред Основното јавно обвинителство во Нови Сад со поднесена кривична пријава.
За синоќешниот напад на студентите во Нови Сад денеска оставка поднесоа градоначалникот на овој град, Милан Ѓуриќ, и српскиот премиер Милош Вучевиќ.