Според извештајот на француското Министерство за спорт, за случајот на Ѓоковиќ нема да има исклучоци доколку е неопходна само вакцина бидејќи вакцинацијата се однесува на сите граѓани и патници
Турнирот започнува во мај, а Ѓоковиќ, според податоците, ковид прележал во декември лани
Новак Ѓоковиќ сè уште не е сигурен дали ќе може да настапи на „Ролан Гарос“ поради новото заострување на мерките од француската влада.
Според „Шенген виза инфо“, новите прописи што ќе стапат во сила на 15 февруари предвидуваат сертификатот за прележан ковид со кој Новак би можел да влезе во земјата и да учествува на натпреварот ќе важи само четири месеци. Ваквите мерки му ги намалуваат шансите на Ѓоковиќ да биде дел од „Ролан Гарос“ бидејќи тој беше позитивен на коронавирус во средината на декември, објави Нова.рс.
До 22 мај и почетокот на турнирот, на Ѓоковиќ ќе му истече сертификатот за прележан ковид, а тој може да биде во Париз само ако одлучи да се вакцинира или, пак, ако во меѓувреме повторно прележи.
Сепак, мерките често се менуваат од ден во ден, а турнирот е сè уште далеку – почнува на 22 мај и трае до 5 јуни, а Новак треба да ја одбрани титулата освоена лани.
Според извештајот на француското Министерство за спорт, за случајот на Ѓоковиќ нема да има исклучоци доколку е неопходна само вакцина, бидејќи вакцинацијата се однесува на сите граѓани и патници.
„Ова ќе важи за секој што е гледач или професионален спортист. И ова важи до понатамошно известување. Што се однесува до ‘Ролан Гарос’, тоа е во мај. Дотогаш ситуацијата може да се промени и се надеваме дека ќе биде поповолна. Ќе видиме, но јасно е дека нема исклучоци“,
соопшти Министерството претходно оваа недела.
Случајот со најдобриот тенисер на светот го сврти вниманието откако австралиските власти не му дозволија да учествува на „Австралија опен“ бидејќи не е вакциниран против ковд, што предизвика поделени мислења во јавноста.