По кратка пауза, на социјалните медиуми повторно осамнаа прислушувани разговори. Главен „актер“ во денеска објавените два аудио материјали, според оној што ги објавил снимките, е адвокатот Васил Димишков.
Од една страна станува збор за човек кој е брат на судијка во Кривичниот суд во Скопје, но во истовреме станува збор за човек кој до скоро беше ангажиран како адвокат во Стопанска банка – Битола, инаку во сопственост на Орце Камчев.
Што има во новите разговори
Двата разговори се поставени на платформата Јутјуб од страна на нов и анонимен профил со називот „Али Баба Тредичи“. Лесно се забележува дека аудиозаписите се монтирани на повеќе места, односно дека недостасуваат делови меѓу реченици или пак дека се извадени делови каде се уфрла и втор глас. Квалитетот на снимките ни одблизу не наликува на телефонските разговори од аферата со прислушувањето, односно т.н. „бомби“. Првиот разговор остава впечаток дека е снимен при лична средба, додека вториот повеќе наликува на снимен телефонски разговор.
Првото видео, насловено „Васко Димшков 1“ трае 2:37 минути. Направивме транскрипт од аудиото, при што ги поделивме во посебни редови сите пасуси/реченици меѓу кои јасно се забележува дека има кратење.
Во разговорот еднаш се споменува името Орце а подоцна и името Бојан. Но, во исто време, гласот за кој се сугерира дека е на Димшков во повеќе наврати зборува за гаранција, која во моментот не била возможна како опција. Се споменуваат и големи суми на пари, но не е јасно во кој контекст и за што.
„Можам да обезбедам средства. Ако Орце ми каже да, во ред е Васко земи и кога ќе дојдам ќе најдам средства без проблем. Ќе ги најдам средствата, човек ќе ги донесе и ќе бркаме работа. Ама треба Орце треба да рече да, прифаќам…
Е сега, не разговарам за висина на средства, иако горе-доле ги знаеме колку се, ама точно до евро не знам во моментов. Ние разговаравме повеќе за опцијата дали може да одиме со гаранција сега или да биде со човеков после…
Да се сретнеме и после тоа посебно…
Дали се работи за еден милион, дали за 10 милиони дали за 100 милиона, процедурава, јас ја договарав процедурава…
За тоа уште не влегов бидејќи треба прво процедурава, ако не ја договориме процедурата нема што да навлегуваме во цифра. Немаме согласност да правиме со гаранција, не можеме да правиме со гаранција, тогаш што да договараме цифра, џабе цифра. Затоа што сега во моментов овие викаат гаранција не. Ти викаш нешто да се снајдеш. И јас сум спремен ако треба. Имам човек, ќе ги носи париве…
Ќе ги земеме, ќе завршиме работа, кога ќе завршиме со човекот ќе си се расчисти. И тоа може да го направам…
Мислам дека за нешто цифри Бојан ти има спомнато…
Еве нешто да те прашам, ако разговараме за цифра од 5 милиона, 8 милиона, 4 милиона, 3 милиона, 9 милиона…
Јас зборувам за 5 милиона…
За целата работа после ќе разговарам со него…
Во овој момент толку кошта. После три месеца може да кошта многу помалку. Сега толку кошта. Значи, дали ме разбираш. Значи ќе кошта многу пари. Не знам дали ќе биде 2, дали ќе биде 3, дали ќе биде 5, дали ќе биде 8. Не знам, ќе ти кажам. Меѓутоа, во овој момент, цифрите се сигурно големи. Зошто сега е многу вруќо да се фаќа железото. После три месеци може ќе се олади па ќе може и за 10 000 да завршиме. Дали ме сфаќаш? Сега е таква состојбата. Ако тоа не можеме да го изреализираме, не можеме да го реализираме, тогаш ич да не правиме муабет сега за цифра. Дај да видиме за понатака…
Дали ме сфаќаш, треба, не е до земање. Работата е до работата. Тоа ми е мене аут. Дали ме сфаќаш. Може ќе имам јас 5%, 4%, 6%, не знам колку ќе бидат…
Ама јас нема, според ова што ми кажуваш, сега во моментов нема да можеме да најдеме чаре за работава“,
се зборува во првиот разговор.
Вториот разговор трае нешто пократко, 2:17 минути, и е под насловот „Васил Димишков дел 2“. Во овој разговор воопшто не се споменува нечие име. Но, затоа, повторно се споменуваат поголеми суми на пари но и став на адвокатот Димишков дека се чека нечиј амин за тој да почне со работа. Разговорот остава впечаток дека Димшков посредува меѓу две страни, од кои едната бара сума од 6 милиони евра, но не е јасно кој бара и за што. И во овој разговор дел од содржината е видно кратена, но во помала мера споредено со првата снимка.
„Не знам што да ти кажам, тешка е работава. Веројатно ќе биде цифрата голема. Многу голема. Ако не можеме, не знам што да правиме. Да почнеме се што можеме, да почнеме да работиме. Ако треба нешто, ти кажав, стојам на располагање. Ако не може женава нешто, можеме да најдеме ако тој одобри. Да се земат средства, да се заврши работава, па кога ќе излезе тој нека расчитува тој, нека прави што ќе прави. Ако одобри, тоа некаде ќе се движи, тие како што ми рекоа, ама мислам дека јас ќе одам уште еднаш да разговарам да ја намалам нешто, дека тие многу забегаа, не очекував толку многу. Сега за сега, 6 милиони. Мислам дека нешто ќе им намалам, денеска ми откажаа. Ама ќе отидам пак да поразговарам ќе им кажам дека не може толку многу…
Да намалиме еден, два, не знам, колку можам ќе му намалам, што да ти кажам другарски. Сега, ако човекот не може да прави, не можам, не можам да продолжам да работам. Може да правам, нешто да иде на делови, на едно, на друго, нешто да правам се можам да правам тоа…
Ќе завршиме за многу брзо време. Нема за среда да биде сигурен, ама ќе биде брзо. Во рамките на реалното што е можно, дали ме разбираш. Значи он ќе излезе одма, нема уште долго да трае. Не е сменета, да му пренесам. Ако не може, да се снајде. Ќе му најдам и за тоа човек. Тоа можам да му помогнам, тоа ќе му го помогнам пријателски, што значи ништо нема да го кошта таа моја услуга. Човекот ќе го замолам, ќе даде еден мој број, со тоа што он треба да му каже да…
Ќе рече он дај, почнуваме да работиме…
Знаете што и јас ги немам добиено. Штом се заложувам кај друг, јас ќе идам, ама не можам јас толку средства немам. Само да се заврши работава“,
се слушва во вториот објавен разговор.
Видеото завршува со порака испишана од тој што го објавил, дека по изборите, целосните разговори од 57 минути ќе бидат доставени до Јавното обвинителство. Во нив, наводно се слушале и гласовите на Вице Заев, Владимир Стајиќ како застапник на Зоран Заев, Бојан Јовановски и посредник од Струмица како договараат да изнудат 6 милиони евра од Орце Камчев и Цветан Панделевски.
Дел од медиумите во разговорите ги „слушнаа“ Заеви
Иако е нејасно зошто не се објавени деловите од разговорите каде според авторот на видеата наводно се слушаат гласовите на Вице Заев и други лица, дел од медумите веќе заклучија дека „Брат на судијка бара 6 милиони евра во име на Вице и Зоран Заеви“. Со идентични или слични написи излегоа „Република“, „Нетпрес“, „Инфомакс“, „Курир“, „Лидер“ и други.

„Доказ“ за нивните тврдења се транскриптите објавени заедно со видеата, во кои во загради се дава контекст на кого наводно се мисли кога адвокатот вели „тој“ или „тие“.
Што ги спојува Камчеви и Димишков
„360 степени“ се обиде да го добие адвокатот Васил Димишков пред објавување на овој текст, чиј глас наводно се слуша во новите прислушувани разговори, но до овој момент не успеавме да стапиме во контакт со него. Така што, се уште нема официјални потврда дали навистина станува збор за неговиот глас но и во кој контекст се водени објавените разговори.
Она што може јавно да се провери е дека Димишков и Камчев имале блиска соработка во минатото. Клиент на Димишков била „Стопанска банка“ – Битола, чиј сопственик е Камчев, а адвокатот беше и еден од сведоците на одбраната во судскиот предмет „Рекет“.
На тоа сведочење, Димишков рече дека остварил средба со Камчев околу 20 август 2018 година, која била договорена преку директорот во Стопанска банка Битола, Владимир Ефтимовски. Во тој период, банката имала случај со клиент за кого се разгледувало дали да се поднесе кривична пријава поради невраќање на кредит. На оваа тема Димишков и Ефтимовски се гледале и контактирале, а директорот му рекол дека и Камчев би сакал да се види со него.

За самата средба со Камчев, Димишков тогаш рече дека била во канцеларии во „Систина“. На оваа средба, како што кажа адвокатот, Камчев на мобилниот телефон му покажал фотографии од некои документи, кои тој не ги видел прецизно, но Камчев му го посочил потписот на судска наредба кој бил на неговата сестра, судијката Димишкова.
„Се изненадив, мислев дека ме повикал да зборуваме за предметот за банката“,
сведочеше адвокатот.
Зоран Милевски – Кичеец барал помош за Камчев од Димишков
На средбата во „Систина“, според сведочењето на Димишков, Камчев му понудил да се приклучи на неговиот тим адвокати. Иако било договорено да се видат повторно, Димишков вели дека Камчев повеќе не му се јавил, туку почнале да го контактираат други лица. Димишков пред судот прецизираше дека тоа се случило откако на Камчев му бил одреден притвор за „Империја“.
„Откако заврши во притвор, наредните денови се јавуваа повеќе мои роднини и пријатели, ме викаа на кафе, а кога ќе се сретнев со нив, тие ми кажуваа дека се по некоја линија пријатели со Камчев и ме прашуваа што би можело тука да се помогне. Им кажав дека јас не можам да помогнам ништо. Меѓу тие луѓе беше и Зоран Милески-Кичеец, кому, иако му имав кажано дека тоа што го бара од мене не можам да го направам, тој инсистираше на повторни средби на кои разговаравме околу тоа да бидам ангажиран како бранител, за адвокатската награда, околу законската постапка во вакви предмети и во една пригода тој направи средба и со сопругата на Камчев, Ана, која е и адвокатка во тимот на Камчев“,
сведочеше Димишков.
На оваа средба, како што рече, Ана Камчева му кажала дека имаат стратегија да го зголемат тимот на бранители и дека планираат и него да го вклучат во тимот. Планот бил бизнисменот да излезе од притвор за куќна слава.
„Разговаравме за притворот на господинот Камчев, им кажав дека тоа што го бараат не е реално да се оствари, посебно не за таков краток временски период. Им кажував дека, според постапката и законските рокови, вакво нешто е невозможно. Мислам дека госпоѓа Камчева затоа што е адвокатка ме сфати и од тие причини се согласи дека тоа не е можно за краток временски период“,
рече Димишков додавајќи дека средбата завршила со тоа тој да им каже колку ќе чини неговиот ангажман.
Но, по неколку дена, Димишков рече дека одлучил да не ја прифати понудата бидејќи, како што сведочеше денеска, проценил дека сакале да го искористат и со тоа што ако го ангажираат за бранител, неговата сестра Весна Димишкова, која во случајот била судија на претходна постапка, по сила на закон ќе биде изземена од предметот.
„Анализирајќи ги разговорите со Милески и тој со Милески и Камчева заедно, проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот. Од тие причини, кога се јави господинот Милески да се видиме за да му кажам колку чини мојата услуга, му кажав сума која знаев дека нема да биде прифатлива за нив. Откако им ја кажав висината на наградата, потоа никој веќе ниту ми се јави ниту ме побара“,
рече Димишков.
Што сведочеа Камчеви?
За односот со Димишков детали има и во сведочењето на Орце Камчев од декември 2019 година. Единственото што се совпаѓа е во делот дека нивниот контакт бил направен преку директор во Стопанска банка Битола и дека средбата била во „Систсина“.

За разлика до Димишков, кој тврдеше дека од него се барало да стане дел од тимот што ќе го брани Камчев во „Империја“, Камчев во сведочењето во овој случај на 6 декември за настаните што му претходеле на случајот „Империја“ рече дека Димишков му кажал дека е под ПИ-мерки и му понудил за 100.000 евра да биде соработник и да му издејствува поблага мерка, што тој го одбил.
„Адвокатот ми кажа дека сум ставен на ПИ-мерки, и ако сакам да бидам соработник треба да му исплатам 100.000 евра за првата информација. Втората понуда што ми ја даде беше дека може да влијае да се издејствува поблага мерка. Ми ја даде и скалата за секоја мерка колку чини. Слушав, се насмеав и му одговорив дека ќе му кажам за некој ден. По некој ден, преку директорот на банката, му кажав дека апсолутно не сакам да разговарам на таа тема бидејќи немам направено кривично дело“,
сведочеше тогаш Камчев.

Името на Димишков се најде и во сведочењето на Ана Камчева на 10 декември лани. И таа кажа дека имала средба со Димишков на која бил и Кичеец, но нејзината верзија за состанокот кој бил, како што рече, во стан за „специјални клиенти“ во Капиштец, е различна од таа на адвокатот.
„Ми рече и дека неговата сестра Весна Димишкова е во блиски односи со Лиле Стефанова, дури се повикуваше и на некои амбасади. Порад и тоа што мојот сопруг излегол на насловната на ‘Форбс’ тој рече дека би не чинело 2, 4 или 8 милиони евра и тоа за поблаги мерки“,
сведочеше Камчева на 10 декември лани посочувајќи дека не се срами да каже дека дури и плачела на оваа средба.
По сведочењето, „Стопанска банка“ – Битола го „откажа“ Димишков
Само неколку часа по неговото сведочење, адвокатот Димишков добива допис од „Стопанска банка“ – Битола, дека фирмата се откажува од неговите услуги. Како што објави на 22 февруари порталот „Правосудство“, повикувајќи се на неофицијални извори, причината веројатно е незадоволството од сведочењето на Васил Димишков на рочиштето за случајот „Рекет“.