Ова е дел од американско-францускиот патоказ објавен од Белата куќа на 8 јуни годинава кој го утврдиле американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон на средбата во Франција од пред неколку дена
Франција и Соединетите Американски Држави (САД) ја повикуваат новата влада на Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон Европската Унија и да ги почитува своите меѓународни обврски.

Ова е дел од американско-францускиот патоказ објавен од Белата куќа на 8 јуни годинава кој го утврдиле американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон на средбата во Франција од пред неколку дена.
Во делот од патоказот во кој се споменува Западниот Балкан, Париз и Вашингтон, меѓу другото, ја поздравуваат соработката за интеграција на регионот во Европската Унија со цел, како што се посочува, зголемување на просперитетот и јакнење на демократското владеење и владеењето на правото.
„Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да ги почитува своите меѓународни обврски“,
се вели во делот од документот фокусиран на Западниот Балкан.
Повикот на САД и Франција е дел од серијата реакции на меѓународната заедница во изминатиот период кои следуваат по заклетвата што новата претседателка на земјава, Гордана Сиљановска-Давкова, ја кажа при преземањето на функцијата кога наместо уставното име на државата изговараше Македонија.
Претходно денеска, во заедничка колумна на почитување на Договорот од Преспа повикаа и ексминистрите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во чие раководство на владите на двете земји беше постигнат Преспанскиот договор. Во заедничката колумна за „Еуроактив“ ги повикуваат ЕУ и меѓународната заедница да стават до знаење оти почитувањето на Договорот е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во Унијата.