Промоцијата на новата политичка партија ќе се случи на 13 август – датумот кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор, а со новиот субјект Меџити планира да учествува на наредните избори

Пратеникот и поранешен висок функционер на ДУИ Изет Меџити одбра име на новата политичка партија. Ќе се вика Демократско движење, а следната недела и официјално ќе биде промовирана.
„Името беше објавено денеска по завршувањето на рокот за давање идеи од граѓаните преку онлајн платформата www.lëvizja.mk. Инаку, партијата Демократско движење официјално ќе биде промовирана на 13 август“,
соопштија од движењето.
Меџити беше еден од предводниците на „огнената група“ во ДУИ која јавно изрази револт од актуелните функционери на оваа партија на чело со првиот вицепремиер Артан Груби. Откако имаше разидувања и во редовите на „огнените“ кога дел од нив се спротивставија на формирање нов политички субјект, Меџити со останатите го најави формирањето на новата партијата.
И во Собранието заедно со Мерита Коџаџику, тој излезе од пратеничката група на ДУИ и двајцата сега дејствуваат како независни. Со нив е и Кастриот Реџепи кој по разидувањето со Беса првично дејствуваше како независен, а набргу потоа се приклучи кон пратеничката група на интегративците.
Формирањето на партијата Меџити го најави на 17 јули, по што беше објавен повик за предлози за име, кое денеска било и избрано. Со Демократско движење, пратеникот планира да учествува на наредните избори, а за сериозноста на намерите тој зборуваше на прес-конференцијата на која го најави формирањето на политичкиот субјект.
- Касами го чека Меџити да формира партија, најавува широк опозициски блок
- Додека Меџити, Касами и Гаши ги поставуваа темелите на опозицискиот блок заменик-претседателот на Беса најави целосно дистанцирање од него
Со новата политичка партија, Меџити планира да учествува на наредните избори и при најавата
„Со денешниот ден има иницијатива за формирање ново политичко движење, опозициско, и ова мислам дека за првпат се случува некој заради убедување од позиција на власт да премине во опозиција. Ова е доволен факт и аргумент дека ние сме сериозни и искрени во нашите намери и формирањето на новото политичко движење кое ќе биде опозициско се аргументите дека сме истрајни и транспарентни во нашето делување“,
рече Меџити на 17 јули.
13 август е одбран за датум за официјална промоција на Демократско движење со оглед дека тоа е денот кога 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор.