„Тоа би сакала да биде документ на којшто ќе се потпишат повеќето или сите политички субјекти, да го прифатат како програма за развој на образованието и постигнување на повисок квалитет и, секако, доколку го постигнеме тој консензус, би било добро да го прифати и Собранието“, вели Весна Јаневска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Некој и јавно рече – на министрите за образование им завршува политичката кариера откако ќе им престане мандатот. Јас немам амбиција за политичка кариера, туку мој приоритет е да направам долготрајни реформи за квалитет во образованието со цел младите да го остварат потенцијалот во својата татковина – вели новата министерка за образование и наука Весна Јаневска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Прашана зошто прифати да раководи со министерство за кое, заедно со Здравство, има најмногу поплаки и очекувања од граѓаните, Јаневска вели дека се чувствува подготвена да го води еден од најважните ресори.
„Јас немам намера да имам политичка кариера. Впрочем, и моите години го покажуваат тоа. Мојата намера е да направам вистински и долготрајни реформи во образованието со консензус на сите чинители во образованието, за да имаме успех и квалитет во образованието на младите луѓе, со цел тие, својот придонес и својот потенцијал да го развиваат овде и својот придонес да го дадат во својата татковина“,
вели Јаневска.
Според неа, општо познато и општо прифатено е во државата дека образованието е во многу лоша состојба, но таа смета дека со своето знаење може да направи сериозни промени.
„Мојата единствена амбиција е, со оглед на тоа дека сè што сум сакала во животот сум постигнала, да направам нешто добро за државата, односно за младите луѓе кои треба да ја наследат државата и во иднина да ја водат. Со оглед дека навистина е многу тежок ресорот, сметав дека имам доволно искуство и доволно знаење, но и го надоградив тоа знаење со работата во Комисијата за образование и наука во партијата, па така и се почувствував спремна да го водам навистина многу тешкиот ресор и прашање е кој е потежок – дали образование или здравство“,
коментира министерката за образование и наука.
Една од нејзините цели е во овој мандат да се стигне до Национална стратегија за образование.
„Би сакала да направиме една Национална стратегија во која ќе се постават принципите за добивање на квалитетно образование во Македонија. Тоа би сакала да биде документ на којшто ќе се потпишат повеќето или сите политички субјекти, да го прифатат како програма за развој на образованието и постигнување на повисок квалитет и, секако, доколку го постигнеме тој консензус, би било добро да го прифати и Собранието“,
рече Јаневска во интервјуто за „360 степени“.
Весна Јаневска е нова министерка за образование во 20-тата македонска влада, а го наследи Јетон Шаќири на чело на Министерството за образование и наука.