Министерот вели дека евентуалните жалби на изборот на изведувач не се добронамерни
Министерот за здравство Арбен Таравари очекува целиот процес со поставувањето на компресорската станица на Клинички центар да биде завршен за четири месеци.
„Фирмата е сериозна компанија и професионална за оваа работа. Според нив, за околу четири месеци ќе биде завршен целиот зафат“,
рече Таравари денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Таравари додаде дека процесот за избор на фирмата се спроведувал по брза постапка, а околу постапката за потпишување на договорот и периодот на жалба рече дека не очекува некој да се жали.
„Не знам дали би се жалел некој што не се пријавил на три повици. И ако се жалат, мислам дека тоа не е добронамерно“,
додаде Таравари.
Прашан во врска со изборот на менаџер кој би раководел по спојувањето на универзитетските клиники и можноста тоа да биде докторот Игор Николов, Таравари рече дека тој не го споменал како избор и дека било рано за назначување на директор.
„Јас не го кажав, ме прашаа дали може да биде еден од кандидатите, но може да има и други кандидати. Ние сè уште сме во процес на реорганизација, тоа ни е поважно, отколку тоа кој ќе биде директор. Кога ќе дојде време за директор, тогаш ќе зборуваме за тоа“,
вели Таравари.
Во врска со потпорниот ѕид зад Детската клиника, кој пред неколку месеци падна и се уште стои непоправен, Таравари рече дека во тек е процедура за утврдување на надлежноста и додаде дека Министерството за здравство е подготвено да го санира и да изгради нов ѕид.