На денешното рочиште обвинителката Лиле Стефанова приложи нови докази поради што обвинетиот Сашо Мијалков побара време да биде запознаен со нив и наведе дека го задржува правото да даде одбрана до крајот на постапката
Во својство на обвинет во случајот „Плацови на Водно“, Ристо Новачевски на денешното рочиште изјави дека од позиција на премиер Никола Груевски во 2012 година преку него ја основал фирмата ,,Сирах инженеринг“, при што му напоменал оти тој ќе биде само управител и дека целата работа ќе ја води Александар Ивановски – Алек Теранова, јави МИА.
„Кон средина на 2012 година ми се јави Груевски и ми кажа дека сака да основа компанија во Македонија која ќе се занимава со градежништво. Јас му кажав дека никогаш не сум се занимавал со градежништво, но тој ми рече дека јас ќе бидам само управител и дека сите работи ќе ги води Алек Теранова“,
рече обвинетиот Новачевски кој е пријател и кум на Груевски.
Тој истакна дека по основањето на фирмата Груевски му кажал дека сака да купи некое земјиште на Водно, кое го нашол Алек.
„Алек ме информира дека фирмата ќе има сметка во Стопанска банка – Битола. По извесно време имаше прилив од 300-400 илјади евра. Алек ме имаше информирано дека треба да пристигнат милион или милион и нешто (евра). Тоа се случи во два наврати“,
наведе обвинетиот Новачевски, кој додаде дека ни денеска не знае каде се наоѓа тоа земјиште на Водно.
Првпат со сопствениците на земјиштето на Водно, како што посочи Новачевски, бил во канцеларијата на нотарката Анета Георгиевска.
Освен за контактот со првообвинетиот Никола Груевски, во својата одбрана Новачевски го спомна и контактот со обвинетиот Јордан (Орце) Камчев, за кого рече дека во август 2015 година му се јавил да му каже дека освен земјиштето ќе ја купи и фирмата. Средбата според обвинетиот Новачевски е остварена во „Систина“, каде што од него е побарано да потпишат договор за купопродажба.
На прашање на обвинетиот Јордан Камчев, дали во 2012 година имале потпишано договор за посредништво, Новачевски одговори негативно и нагласи дека со печатите на фирмата каде што бил управител управувал некој друг.
На денешното рочиште обвинителката Лиле Стефанова приложи нови докази поради што обвинетиот Сашо Мијалков побара време да биде запознаен со нив и наведе дека го задржува правото да даде одбрана до крај на постапката.
Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, Никола Груевски е обвинет за делата перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за перење пари, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.