Заштитните маски за дишење станаа стандардна глетка низ целиот свет по појавата на озлогласениот коронавирус. Но, за некои градови во Северна Македонија како Скопје, Тетово, Кичево… маските и не беа новост. Со децении наназад во овие урбани центри не се дише, или попрецизно – тоа што се дише е далеку од само воздух
Состојбата, сепак, не е ништо подобра ниту во поголемиот дел од Балканот. Истражување направено од Глобалниот сојуз за здравје и загадување на крајот на 2019 година покажува дека соседна Србија е водечка земја во Европа по смртност поради загадувањето на животната средина, кое најмногу е поврзано со аерозагадувањето
Заедничката анализа на „360 степени“ и „Јужне вести“ од Србија, покажува дека и проблемите и предлозите за решение се слични, а слична е и неефикасноста со која се спроведуваат мерките
автори: Михаило Донев (360 степени, Скопје) и Тамара Тасиќ (Јужне вести, Ниш)
Скопје, 25 декември. Ако ја отворите една од најпопуларните светски интернет-страници за временска прогноза и метеорологија accuweather.com и побарате информација за квалитетот на воздухот, системот ќе ве информира дека во градот се дише „нездрав“ воздух.
„Здравствени последици можат веднаш да бидат почувствувани од ранливите групи. Здравите поединци може да почувствуваат тешкотии во дишењето и иритација на грлото при подолга изложеност. Ограничете ги активностите на отворено“,
советува системот на accuweather.com

Денешниот ден, за жал, не е исклучок. „360 степени“ ги анализираше податоците од државните мерни станици кои покажуваат дека во центарот на Скопје се дише нездрав воздух секој трет ден во годината. Или, од изминатите 359 дена, годинава воздухот во главниот град бил загаден над границите на дозволеното точно 101 ден. Тоа значи дека препораката за хронично болните е да не излегуваат од дома речиси секој трет ден, а толку време и здравите требале да ги „ограничат своите активности на отворено“.

Скопје не е единствениот град во земјава во кој се дише загаден воздух, но вниманието е фокусирано на метрополата бидејќи во неа живее близу една третина од населението во државата. Зиме, Скопје често избива на листите на најзагадени градови во светот. За волја на вистината, не поради загадување од тешки метали или други супстанции, туку пред сѐ поради огромната количина на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички. Правилата и регулативите велат дека дозволената граница, кога се во прашање ПМ 10 честичките, изнесува 50 µg/m3. За прифатлив број на надминувања во текот на една календарска година границата е ставена на 35 дена.
Квалитетот на воздухот е лош и во соседна Србија, Ниш помеѓу најпогодените градови
За разлика од впечатокот на скопјани и другите жители на земјава, загадувањето не е „ексклузивен“ проблем на Северна Македонија. Секоја зима, црвен е алармот за загаден воздух низ речиси целиот Балкански полуостров. Во соседна Србија, најпогодени градови од загаденоста на воздухот се Белград и Ниш. Новинарите од „Јужне вести“, со кои „360 степени“ соработуваше на оваа сторија, известуваат дека според истражувањето направено од Глобалниот сојуз за здравје и загадување на крајот на 2019 година Србија е првата земја во Европа по смртност поради загадувањето на животната средина, кое најмногу е поврзано со аерозагадувањето. И по две години од тоа истражување лекарите велат дека квалитетот на воздухот не е подобрен, а тоа најмногу ги погодува децата, трудниците и лицата со хронични заболувања.
Со таква болест, односно астма, живее Јасмина Митиќ Стојановиќ од Ниш. Таа Вели дека загадениот воздух и го отежнува животот, а се случувало и неколку дена воопшто да не излезе од дома.
„Кога е многу загадено и не излегувам надвро. Не ја проветрувам просторијата каде што седам затоа што влегува воздухот што ме мачи. Ако дојдам во контакт со него почнувам да кашлам, па не можам да дишам и морам да користам пумпа. Сето тоа многу го отежнува животот, загадениот воздух им пречи и на здравите, а камоли на болните“,
вели Јасмина.

Таа забележува дека во последните три години воздухот во Ниш е позагаден од порано, а годинава вели дека е во фаза на кулминација. Ова го потврдува и пнеумофтизиологот на нишкиот Институт за белодробни заболувања, Саша Јовановиќ, но вели дека во помали средини проблемот со загаденоста „се турка под тепих“.
„Состојбата во Ниш е многу лоша. Проблемот е глобален, но во средини како нашата, каде тој проблем се турка под тепих, очигледно е дека секоја година го имаме истиот проблем и дека ќе станува се поголем и поголем. Очигледно е дека ништо не е направено за да се санира тој проблем, како и големите загадувачи“,
истакнува Јовановиќ.
Институтот за белодробни заболувања во Ниш регистрира сè поголем број млади луѓе со алергиски пореметувања, па предупредувањата се дека секоја година тие стануваат се посилни и позначајни, а лошиот воздух го зголемува ризикот од астма, бронхитис или хронична опструктивна белодробна болест кај децата.

Како и во Скопје, еден од главните проблеми во Ниш се концентрациите на ПМ10 и ПМ2,5 честичките. Како што покажува илустрацијата погоре, граничните вредности биле надминати низ речиси целиот ден, а особено во раните утрински часови кога е најладно.
Зошто Скопје и Ниш „дишат“ толку прав?
Надлежната Агенција за заштита на животната средина на Србија го оценува квалитетот на воздухот во три категории. Според таа категоризација, она што се дише во Ниш во последниве четири години спаѓа во третата, најзагадена категорија на квалитет на воздухот. Мерењата и анализите во 2020 година покажале дека главен причинител на загадувањето се топланите и греењето на домаќинството.

Во 2016 година градските власти во Скопје ги презентираа резултатите од студијата за причините за загадувањето на воздухот изработена со Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина и со Министерството за животна средина.
Резултатот беше сличен како во Ниш. ПМ-честичките во градот се создаваат во најголем дел од греењето на домаќинствата (32%), па од сообраќајот (20%), а индустријата (19%) е дури на третото место.

Дополнителните анализи, пак, помогнати од меѓународни организации доведоа до сознанието дека 45% до домаќинствата во Скопје и околината се загреваат на дрва и дека само 21% користат централно парно греење, кое е посакувано еколошко решение. Тоа истражување откри и дека дури 90% од домаќинствата немаат термичка изолација на фасадата и покривот на објектот.

Проблемот е поизразен затоа што градовите во кои има најголемо загадување се во котлини. Така, зиме, поради разликите во воздушниот притисок, се создава т.н. капак врз котлината која го „заробува“ воздухот на неколку стотини метри над градот.
Појавата за „360 степени“ научно ја објаснија од Управата за хидрометеоролошки работи.

„Смогот настанува кога маглата се комбинира со индустриските честички. А за тоа најчесто е одговорна антициклонална ситуација, односно доаѓа до формирање поле на висок воздушен притисок и спуштање на воздухот. Овој зголемен воздушен притисок условува целото аерозагадување што постои, а не е врзано со постоечките извори на греење, како што се топланите или индивидуалните ложишта, да биде притиснато кон земјата“,
вели Александра Стевков, советник за автоматска обработка на метеоролошки податоци при УХМР.

Што (не) се прави
Градовите не можат да се преселат, а со тоа и локалните климатски услови. Така, единственото решение за Скопје е да се намали емисијата на ПМ-честички. Обиди да се реши проблемот постојат со децении. Актуелните мерки за подобрување на квалитетот на воздухот се темелат на последните анализи и почнаа да се применуваат од 2018 година кога Владата на Република Северна Македонија усвои посебна програма за чист воздух,
Меѓу активностите кои требаше да се спроведат беа:
– 20 000 домаќинства да ги сменат старите печки на дрва со нови поефикасни,
– 20 000 домаќинства да ги сменат печките на дрва со клима-инвертер уреди,
– 10 000 домаќинства да ја подобрат енергетската ефикасност,
– преструктуирање на јавниот превоз,
– воведување зимски режим на сообраќај и др.
Засега нема групен извештај – колку од планираното и ветеното во 2018 година всушност е остварено. Но бројките можеби и не се потребни за да се оцени успешноста на планот, бидејќи пред околу една година самиот министер за животна средина Насер Нуредини во интервју за радио „Слободна Европа“ посочи дека планот потфрлил, посебно во делот во кој е предвидено наместо на дрва граѓаните да користат други, поеколошки начини на греење. Денес тој вели дека има напредок, но и дека останува уште многу да се направи, особено по прашањето на загревањето на објектите. Клучно, вели Нуредини, е да продолжи гасификацијата на земјата која засега се одвива само на примарно ниво.

„Има многу измени во планот за менаџирање на воздух. Направивме промени и во државните институции, како што на пример тоа е случај со болницата во Чаир, каде што греењето го променивме на мазут, па на гас. Многу од загадувачите се куќи, домови, но за жал и државни институции, поради тоа овде од помош ни е и Министерството за финансии. Сакаме да имаме и подобар јавен транспорт. Обезбедена е и гасификација во нашата држава, која за жал сѐ уште има временски пречки да се случи поради пандемијата, но веруваме дека наскоро, веќе следниот месец, ќе започнеме со секундарната и терцијарната мрежа за снабдување на куќите и индустриските објекти со затоплување на овој начин“,
објасни Насер Нуредини, министерот за животна средина и просторно планирање.
И во соседна Србија, спас се гледа во гасот, но како што вели машинскиот инженер, Иван Ристиќ, властите во Ниш се слабо заинтересирани за решавање на проблемот со загадениот воздух. Како пример го наведува фактот дека гасоводот во тој град е воведен во 2003 година, а дека за 17 години на гас се приклучиле само 750 корисници.
Затоа, според неговите пресметки, гасификацијата во третиот по големина град во Србија ќе биде завршена за 12 века.
„Причината за загадениот воздух во Ниш е водењето на лоша политика за гасификација во градот од 2003 година, па до денеска. Ниш има 50 000 потенцијални клиенти кои имаат пристап до гасоводот. Ако досега, за 17 години се поврзани само 750 корисници, тогаш ќе бидат потребни 12 века за да се приклучат уште 50 000 граѓани“
вели Ристиќ.

За борбата за подобар воздух, тој препорачува масовни протести, преку кои граѓаните ќе ги принудат градските власти да преминат на гас. Тој додава дека Ниш со волшебно стапче може да отстрани 30 отсто од атмосферското загадување само ако се премине на суво дрво, а продажбата на влажно се забрани.
Проблемот го гледа и во недоволната свест кај граѓаните дека загадувањето на воздухот е проблем, па многу домаќинства според него поради тоа одлучуваат да ги затоплуваат своите домови со неквалитетен јаглен, факт што го покажа и истражување на „Јужне вести“, спроведено минатата година.
Исто така, загадувањето се создава и од сообраќајот, па како решение тој гледа воведување на трамвај во градот.
„Причината е што сите преминавме на дрва и јаглен. Тогаш некој мислеше дека е убаво да се продава јаглен со лош квалитет. Лоши влогови се направени и во големите објекти кои многу трошат, па така српска куќа троши 200 киловати на час по квадратен метар годишно, а германската куќа 60. Причината е тотално погрешно планирање и тоа што државата никогаш не дава насоки, стручни мислења и препораки, а очигледно постојат услови тоа да се направи“,
смета Ристиќ.
Гасификацијата во Северна Македонија, барем во Скопје, се уште е далеку од домаќинствата. Па во меѓувреме, беа спроведени краткорочните мерки одеа преку општините. Поточно, Владата им доделуваше пари на општините за тие да им нудат субвенции на граѓаните за да ги сменат своите стари печки на дрва со инвертер-клима уреди или печки на пелети.
На хартија звучи добро, но на терен се чини дека средствата се речиси симболични. На пример, во 2021 година Град Скопје доби околу 1,75 милион евра за субвенции за инвертер-уреди, за оние граѓани што ќе ги предадат печките на дрва. А, ако еден инвертер-клима уред од 5 kw чини околу 1 000 евра со монтажа, простата математика покажува дека парите би стигнале за субвенционирање на 1 750 домаќинства. По таа динамика, ќе бидат потребни најмалку 11 години за да се стигне до целта од планот – 20 000 домаќинства да ги сменат печките на дрва.
Па, сепак, во годишните извештаи на Министерството за животна средина таквите активности се бележат како некои од успесите:
– субвенциите од страна на Град Скопје за набавка на печки на пелети и инвертер-клима уреди како замена за старите печки на фосилни горива,
– набавката на нови еколошки автобуси за Град Скопје,
– зголемен број инспекции.
Проблемот, сепак, не е само кај надлежните туку и кај населението. Градот едноставно не може да постигне да ги исконтролира сите оние граѓани кои во печките горат и други материјали, освен огревно дрво. Градот не може да постигне и да исчисти толку многу колку што граѓаните валкаат.

„Градот има планирани многубројни проекти, како интензивното чистење на дивите депонии на територијата на Скопје, каде што вообичаено се гори и опасен отпад, кој претставува директна причина за загадувањето и закана за здравјето на граѓаните. Досега се исчистени 120 диви депонии“,
велат од град Скопје.
Има светло на крајот на тунелот?
Квалитетот на воздухот во Скопје и другите проблематични градови во Северна Македонија е лош веќе неколку децении. Разликата што сега се посветува повеќе внимание на прашањето е засилената јавна свест, но и издигнувањето на еколошките прашања како важна тема и од меѓународните организации. А штом темата е важна за „странците“ и за гласачите, тогаш е важна и за политичарите.
Како што покажува нашата анализата на податоците од изминатите 10 години за квалитетот на воздухот во центарот на Скопје, напредок има.

Во 2012 година во воздухот имало недозволено високи концентрации на ПМ 10 честички најмалку 211 дена. Колку точно денови воздухот бил доволно чист и не се знае, бидејќи станицата не работела 50 дена таа година. Оваа, 2021 година, без последната седмица од годината, во Скопје имало далеку помалку денови со загаден воздух споредено со 2012 година – 101, а и станицата била расипана само 4 дена. Јасно е дека работите се движат кон подобро. Но никако не е прифатливо – секој трет ден во годината да се дише загаден воздух.
автори: Михаило Донев (360 степени, Скопје) и Тамара Тасиќ (Јужне вести, Ниш)
„Овој текст е изработен во рамките на регионалниот проект „Силни: Иницијатива на цивилното општество за реафирмација на слободата на медиумите и сузбивање на дезинформациите, пропагандата и говорот на омраза на Западниот Балкан и Турција“ со финансиска поддршка на Европската унија и кофинансирање со средства од Амбасадата на Сојузна Република Германија.
За содржината се одговорни само авторите. Содржината не ги одразува нужно ставовите на Европската унија и Амбасадата на Германија.