Во Битола и регионот под кој спаѓаат и Кичево, Ресен и Демир Хисар во моментов има вкупно пет активни случаи на ковид-19. Во денешната статистика на Министерството за здравство, за овој регион регистрирани се првиот случај на заболен во Ресен и нов случај на заболен со ковид-19 од Кичево.
Новиот денешен случај од Кичево ќе биде префрлен во статистиката на Скопје бидејќи неговите контакти од целиот изминат месец биле во Скопје, иако по адреса на живеење се води на Кичево. Ова го потврди Центарот за јавно здравје Битола под чија надлежност е и Кичево.
„Според исходот на заболувањето кај пет лица болеста е во тек (3 од Битола, 1 од Кичево и 1 од Ресен), 28 лица се оздравени и кај две лица болеста имаше смртен исход. Од вкупниот број на лица кај кои болеста сè уште е во тек, две лица се хоспитализирани во Клиничка болница- Битола, а три лица се на домашно лекување“,
информираат од Центарот за јавно здравје Битола.
Според нивните податоците до денеска 10.06. 2020 во Битола и регионот земени се вкупно 771 брис за ковид-19 од кои 348 по епидемиолошки индикации, 93 преку упатување од матичен лекар преку системот „Мој термин“ и 330 брисеви од вработени во градинки за скрининг.
Позитивни резултати за ковид-19 се добиени кај 35 лица, од кои 30 се со место на живеење во Битола, 3 во Кичево, едно лице во Демир Хисар и едно лице во Ресен.
Заклучно со денеска вкупно 340 лица се ставени под здравствен надзор поради контакт со позитивно лице или поради враќање од ризична земја.
