Како што објави БГНЕС, комисијата на овој состанок се навраќа на темите од средниот век, што, според агенцијата, е резултат на недостиг на напредок во историските прашања
Учебниците за седмо одделение, како и прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев се темите за кои разговараат историчарите денеска на 13. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кој се одржува онлајн, јавува МИА.
Како што објави БГНЕС, Комисијата на овој состанок се навраќа на темите од средниот век, што, според агенцијата, е резултат на недостиг на напредок во историските прашања.
На денешната средба историчарите од двете страни повторно разговараат за прашањето за Самуил, за кое веќе се дискутираше на почетокот на работата на Комисијата и за кое пред околу две години бугарските и македонските научници постигнаа делумен консензус, пишува БГНЕС.
Комисијата претходно се состана кон крајот на февруари, а тогаш Министерство за надворешни работи соопшти дека не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, ниту согласност за прашањата поврзани со средниот век.