Адвокатот Ејштајн Сторвик изјави дека неговиот клиент Брејвик нема можност за комуникација со ниту едно лице од надворешниот свет, а му е забрането да испраќа писма. Со, тоа, според адвокатот, на Брејвик му било нарушено менталното здравје и станал зависен од антидепресиви
Норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик, кој во 2011 година уби 77 луѓе, утре по втор пат ќе се обиде да ја тужи норвешката држава, како што наведува, поради нарушување на неговите човекови права, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.

Брејвик, кој го промени своето име во Фјотолф Хансен, тврди дека изолацијата во која е ставен откако почнал да ја отслужува затворската казна во 2012 година е нехумана казна според Европската конвенција за човекови права.
Тој не успеа да ја тужи Норвешка, во сличен обид во 2016 и 2017 година, кога неговата жалба на крајот беше одбиена од Европскиот суд на правдата.
Адвокатот Ејштајн Сторвик изјави дека неговиот клиент Брејвик нема можност за комуникација со ниту едно лице од надворешниот свет, а му е забрането да испраќа писма. Со, тоа, според адвокатот, на Брејвик му било нарушено менталното здравје и станал зависен од антидепресиви.
Брејвик тврди дека неговиот престој во самица од 2012 година е кршење на Европската конвенција за човекови права, иако има пристап до двокатен простор со кујна, трпезарија, теретана, телевизија и видео игри.
Во 2012 година, Брејвик беше осуден за масовно убиство и тероризам за бомбашкиот напад во кој загинаа осум лица во владиниот блок во Осло, и за масакрот со пукање на островот Утоја, каде што застрела 69 луѓе во кампот за млади активисти од Лабуристичката партија.
Брејвик, кој за време на судењето се опиша себеси како антимуслимански крстоносец, се изјасни за невин, тврдејќи дека дејствувал во самоодбрана за да ја заштити Норвешка од мултикултурализмот.
Тој ја доби најтешката казна во Норвешка во тоа време, притвор во траење од 21 година, со одредба да биде задржан на неодредено време доколку се уште се смета за опасен.
Владата го отфрла тврдењето на Брејвик дека неговите услови во затвор ги кршат човековите права.
Во 2022 година Брејвик побарал помилување, но било заклучено дека нема знаци на негова рехабилитација, наведува Асошиејтед прес.