Светската здравствена организација проценува дека има над 70 милиони случаи на хепатитис ширум светот, од кои 400 000 секоја година завршуваат фатално
Нобеловата награда за медицина годинава им припадна на Харви Алтер, Мајкл Хаутон и Чарлс Рајс за откривање на вирусот хепатитис Ц, објави Нобеловиот комитет на Шведската кралска академија на науките.
Светската здравствена организација проценува дека има над 70 милиони случаи на хепатитис ширум светот, од кои 400 000 секоја година завршуваат фатално. Болеста е хронична и главна причина за воспаление на црниот дроб и рак.
Престижната награда носи златен медал и парична награда од 10 милиони шведски круни (над 1 118 000 долари).
Нобеловата награда за медицина минатата година им припадна на Американците Вилијам Келин, Грег Семенза и Британецот Питер Ратклиф за истражување за приспособување на клетките на променливото снабдување со кислород, што е важно во борбата против ракот и анемијата.
Како што беше претходно најавено, името на лауреатот за физика ќе биде објавено утре, в среда за хемија, в четврток за литература и в петок за мир. Името на добитникот на наградата за економија секогаш се објавува на крајот, и тој ќе биде соопштен следниот понеделник.