Железничката станица во скопско Лисиче доживеа посетеност каква што одамна немала. Десетина велосипедисти дојдоа да искусат како би изгледало патување низ градот со воз и велосипед.
Велосипедистите за првпат групно тестираат како да се стигне од една до друга точка на градот со комбиниран јавен транспорт. Целта е да се бараат нови алтернативи за превоз, а да се избегнуваат автомобилите и автобусите.
Патувањето со воз од Лисиче, преку главната железничка станица, потоа Скопје Север до Ѓорче Петров, беше предвидено да трае дваесетина минути. Ентузијастите добија ексклузивна линија со еден од новите возови набавени од Кина. Но,…
„Нема никакви рампи кои можат да се искористат да се качат тркала во вагонот, и тоа не само велосипеди, ако има некојa инвалидска количка, нема како да се качи во перонот, нема како да се качи до перонот, нема како да се качи до самиот вагон на возот. Самиот вагон не е направен на начин којшто може да се носат низ него точаците. Премногу се тесни сите овие премини. Моравме да ги наместиме велосипедите овде позади во линија, бидејќи нема никаков простор за товар од каков било тип.“,вели Дарко Арсовски од Иницијативата #НаТочак.
Арсовски вели дека идејата е добра и оти мали чекори од власта би значеле многу за целиот сообраќај во градот.
„Треба да се направат една, две или три рути, линии по кои би возеле возовите, да го поврзуваат западот со истокот на Скопје. Тие две рути да се чести, да се брзи, да се редовни, а тоа е лесно, бидејќи железничкиот транспорт не зависи од сообраќајот во Скопје како што е во ЈСП, кадешто една сообраќајка може да кочи цел автобус и откога луѓето ќе се научат да ги користат, кога ќе видат дека се потребни, пополека може да се мeнува самата инфраструктура.“
За само четири минути возот стигна од Лисиче до главната железничка станица во Скопје. Групата ја пречека градоначалникот Петре Шилегов, кој верува дека овој експеримент може да стане пракса.
„Ќе се обидеме во периодот што следи да направиме ревитализација на постојните осум железнички станици со цел да бидат поатрактивни за нашите граѓани, со цел да истите бидат поатрактивни, подостапни за нашите граѓани, како би можеле да го користат овој начин на превоз во иднина. Работиме на планот, откако ќе успееме веројатно со „Македонски железници“ да изнајдеме алтернатива на целокупниот концепт, тогаш ќе го воведеме како редовен начин на сообраќај, иако редовните возови кои сообраќаат на оваа релација можат да бидат користени за истата намена.“, изјави Шилегов.
И Шилегов се приклучи на пробното возење. Од гласното размислување, слушнавме и каде цели локалната власт. На промени се надеваат и велосипедистите.
Верувам дека оваа демонстрација денес ќе покаже дека треба да се работи во правец на подобрување на работите.
За дваесетина минути возот веќе беше во Ѓорче.
Речиси толку време беше потребно за сите да ги симнат велосипедите. За некои авантурата заврши овде, оти на тешко пристапниот терен и земјениот пат се дупнаа неколку гуми. Другите продолжија назад кон центарот на Скопје.
На Снежана Домазетовска велосипедот со години и е главно превозно средство. Како е да се биде велосипедист во Скопје ни долови на лице место.
„Како што патот на автомобилот мора да е непречен прав, без пречки, без нерамнини, тоа е уште поважно за оние што возат на тенки тркала. Ја осекаме секоја нерамнина на теренот, ако не е рамен асфалтот, ако рамниците не се слеани како што треба.
Вие лично дали би користеле ваков комбиниран јавен транспорт?
Да секако, и за меѓуградски превоз особено за железницата да стигнам до некое место, па да продолжам во велосипед. Да стигнам до Битола, па да продолжам да возам таму велосипед, во Скопје, до туристичките места, па и во самиот град. Еве, имавме некои дечки кои се возеа во возот со нас им се дупна гума. Доколку беше возможно да се закачи велосипед на автобус тие немаше да го пропуштат настанот тука, туку ќе ги ставеа велосипедите на автобус и ќе дојдеа тука.“, ни раскажуваше Снежана возејќи велосипед.
Идејата за комбиниран превоз ја поздравува и генералниот директор на Македонски железници транспорт. Но, претпријатието со кое раководи, тоне во долгови.
„Наназад неколку години не се инвестирало во железниците не само кај нас, скоро во сите земји во во регионот, се надевам дека со отворање на преговорите со Европската Унија ќе добиеме различни фондови, грантови за да живее и овој дел од инфраструктурата во нашава држава.“, вели Шабан Зендели.
И додека се разгледуваат можностите, скопјани изминатиот викенд, барем неколку часа, имаа можност да ги освојат улиците. Чествувањето на Европската недела на мобилноста заврши со дружење на Рекорд, каде пристигнаа и велосипедистите кои учествуваа во експериментот за комбиниран транспорт.
„Да продолжи да се вложува во условите за секој превоз поединечно, пешачки, велосипедски патеки и линии за превоз, потоа и за нивното комбинирање. Во однос на самото комбинирање со железница, ние неколку луѓе од #НаТочак што бевме на пробата, да подготвиме едно писмо со наши размислувања до Македонски железници транспорт и до Град Скопје.“, порачува велосипедистката Снежана.
По неколку часа, работите го добија познатиот тек – улиците повторно ги зазедоа автомобили и автобуси. Комбинацијата воз – велосипед засега, сепак, е само идеја.
Напишете коментар