„Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија“, се вели во соопштението од Обвинителството
Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација. Ова е одговорот што денеска го упатија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија до Демократската унија за интеграција (ДУИ), откако партијата преку соопштение изнесе наводи дека еден јавен обвинител што бил дел од предметот за истрагата за пожарот во Кочани се повлекол поради несогласувањата околу квалификацијата на делото, истовремено трпејќи политички притисоци од страна на партии во Владата.

Со тоа, Обвинителството ги демантира наводите изнесени од ДУИ дека еден обвинител се повлекол од обвинителскиот тим што постапува во истрагата за пожарот во Кочани.
„Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија“,
информираат од Обвинителството.
Дополнително, посочуваат дека обвинител не се повлекол ниту од oсновните јавни обвинителства, што го сочинуваат тимот обвинители што постапуваат во истрагата, ниту од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое врши истрага за полициските службеници осомничени за трагедијата во Кочани.
Инаку, само еден обвинител од ОЈО ГОКК постапува во истрагата за Кочани.
Од ДУИ денеска реагираа за начинот на кој се води истрагата за Кочани, изнесувајќи наводи дека еден јавен обвинител што бил дел од предметот се повлекол поради несогласувањата околу квалификацијата на делото, трпејќи политички притисоци од страна на партии во Владата.
Оттаму побараа Обвинителството да одговори на три прашања поврзани со случувањата и истрагата за Кочани, од кои првото е дали е вистина оти обвинител се повлекол поради политички водена истрага.
Потоа прашаа дали Обвинителството ќе дозволи да стане инструмент за политичка одмазда кон опозицијата, како и кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор без доволно докази и со нејасна истрага.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на 24 март соопшти дека тимот обвинители кои постапуваат во истрагата за трагичниот пожар во Кочани е проширен на 11 јавни обвинители. Ова е трето проширување на обвинителскиот тим што работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани.
Првично, на 16 март, веднаш по несреќата, јавниот обвинител формира обвинителски тим во кој беа вклучени петмина обвинители од Кочани, Штип и Скопје. Потоа, еден ден подоцна, обвинителскиот тим беше проширен на девет обвинители и го сочинуваа двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени.