Со сведочење на ИТ-вештакот, професорот Мирослав Котевски, одбраната во случајот за организаторите на 27 април на денешното судско рочиште ги побиваше тврдењата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и сведочењето на Александар Василевски-Нинџа, кој е првостепено осуден во претходниот предмет за крвавиот четврток.
Вештакот посочи дека од 168 броја, за кои има листинзи на повици и се дел од предметот во периодот од 1 февруари до 31 мај 2017, обвинетиот ексминистер Спиро Ристовски има остварено комуникација со 6 од тие мобилни броеви, додека Миле Јанакиески, кој имал два телефонски броја, со едниот број остварил комуникација со 5, а со другиот број со 2 од телефонските броја.
Вештакот тврди дека и помеѓу броевите на двајцата ексминистри немало воопшто комуникација, па нивниот адвокат Еленко Миланов во изјава за медиумите го поставува прашањето како е можно две лица кои се обвинети дека се организатори на 27 април 2017 да не комуницирале.
Втор момент, кој одбраната го истакнува како битен од сведочењето на вештакот, е каде се движел Александар Василевски-Нинџа на 27 април 2017. Според списите, на него се запишани два телефонски броја кои официјално се регистрирани на име на неговото кафуле „Аристократ“. Вештакот во судница го презентираше движењето на Нинџа според тоа на која базна станица биле „закачени“ телефонските броеви кога комуницирал преку нив, па така во периодот од 16 до 18 часот главни локации се просторот околу плоштадот во центарот на Скопје и кејот на Вардар, за каде што тој претходно сведочеше дека седел во ресторанот „Дион“. По 18 часот, па до 22 часот, броевите се регистрираат на базните станици кои го опфаќаат реонот на паркот „Жена борец“ и пред Собранието. Клучно, според одбраната, е тоа што двата броја, за кои се вели дека ги користел Нинџа, на базната станица поставена на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, се регистрирани после 22 часот.
На 27 април едниот број првпат е приклучен на станицата кај ВМРО-ДПМНЕ во 22:19 часот и тоа трае околу една минута. Другиот број, пак, е регистриран на оваа базна станица во период од околу 5 минути односно од 22:08 до 22:13 часот.
Во сведочењето се тврдеше и дека е невозможно двата броја да биле тогаш во едно исто лице бидејќи имало меѓусебно ѕвонење во 22:19 часот, односно кога едниот број бил на базната станица ВМРО-ДПМНЕ и се движел кон реонот што го покрива станицата „Алмако“, добил повик од другиот број кој уште од почетокот на повикот бил на базната станица „Алмако“.
„Не постои теоретска можност едно лице да ги користи овие телефони зашто имаме обид за комуникација помеѓу овие два броја“,
рече Котевски.
Со презентација на доказите каде биле регистрирани мобилните на Нинџа кога комуницирал на 27 април 2017 година, одбраната го оспоруваше неговото сведочењето во кое тврдеше дека околу 18 часот бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на осмиот кат каде што видел како се даваат команди.
Друг момент што го оспорува одбраната преку исказот на вештакот е тоа што тој тврди дека податоците со листинзите за телефонските броеви биле без заштита и според него можеле да се манипулираат, односно да се бришат или додаваат делови.
Меѓутоа, обвинителката Вилма Русковска го оспоруваше денешното вештачење велејќи дека е правено врз база на анализа што ја направило Обвинителството, а не на оригиналните докази, а изнесе и тврдење дека мобилните телефони на Нинџа во еден период од денот биле исклучени. Дали ако се исклучени мобилните, тие се регистрираат на базна станица, праша и судијата Илија Трпков, а сведокот рече дека во доказите што тој ги анализирал нема таков податок и појасни дека во листинзите од операторите (врз база на кои ја презентираше траекторијата на движење на Нинџа) се нотираат само повици и настани кога телефонот се поврзува со базна станица.
Денешното рочиште попладнево продолжи со испитување на уште двајца сведоци, а претходно денеска сведочеа и ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, и бившиот претседател на УМС, Владимир Нелоски.
Покрај споменатите ексминистри, обвинети во случајот за организација на 27 април се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.