Меѓу другото, Николовски го повтори ставот кој го презентирал пред медиумите неколку пати претходно, дека нема да се случат ниту уставни измени во Собранието, затоа што ниту еден пратеник од неговата партија нема да гласа

Според пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, владејачката партија СДСМ имала низок рејтинг, а тоа се должи, вели тој, на нереализацијата на дадените ветувања од поранешниот премиер Зоран Заев, дека нема да влезе во коалиција со „криминалците и бандите“ од ДУИ.
Оваа изјава на Николовски е дадена во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“. Тој тврди дека по изборите „влада со ДУИ нема да има.“
Меѓу другото, Николовски го повтори ставот кој го презентирал пред медиумите неколку пати претходно, дека нема да се случат ниту уставни измени во Собранието, затоа што ниту еден пратеник од неговата партија нема да гласа.
„Ова го затворивме. Уставни измени нема да има, така што мислам дека е беспредметно воопшто да влегуваме во тези и хипотези коишто единствена цел имаат да се замајува јавноста од вистинските тема, а тоа е, на пример, како е возможно да Државна лотарија се исели од државни простории и оди во приватни простории… потпише 2,6 милиони евра кирија и после таа фирма е купена од син на пратеник од ДУИ. Тоа се реалните теми во Македонија. Така што, да ја затвориме темата, уставни измени под бугарски диктат ни пред ни после избори нема да има“,
вели Николовски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ најавува и силен пораз за СДСМ на претстојните избори, притоа коментирајќи ги изборните калкулации и преговорите за тоа дали претседателските и парламентарните избори треба да се одвиваат на ист датум.
„Ако одиме што нас би ни одговарало политички, нас ни одговараат раздвоени избори, од проста причина што ќе победиме убедливо на претседателските избори и после тоа СДСМ ќе се доведе до ситуација да не може по 20 луѓе да најдат за да ги стават пратенички листи, затоа што извесно е каков драматичен пораз ќе им се случи на парламентарни избори… Но, мораме да го гледаме и другиот, а тоа е државниот интерес, затоа што ние пред сѐ се занимаваме со јавна работа… нема логика да се трошат дупло средства, дупло да се ангажираат избирачки одбори и целата држава да е замрзната седум месеци заради другите одредби од Изборниот законик во којшто многу активности на државата запираат во време на избори“,
вели Николовски во интервјуто за „Радио Слободна Европа“.