СДСМ и коалицијата „Можеме“ води кампања со концепти, со конкретни проекти, со точно изразени бројки. Со такви прецизни планови и бројки би требало да бидеме соочени со понудата на ВМРО-ДПМНЕ, но таму има само пропаганда и устата им е полна со патриотизам, вели генералниот секретар на СДСМ и носител на листата за кандидати за пратеници во изборна единица 3, Љупчо Николовски.
Тој вели дека власта предводена од СДСМ ја зголеми минималната плата од 9 илјади денари на 14 500, а ветуваат дека ќе биде 20 000 денари во нивниот следен мандат. Додека пак просечната плата ветуваат дека ќе достигне 34 000 денари до крајот на мандатот.
„Тие ветуваат дека повторно ќе доделуваат концесии за рудници за бакар, злато, олово и цинк. СДСМ со години наназад заедно со граѓаните водеше битка вакви опасни рудници да нема, концесиите да се одземаат за да се заштити природата и здравјето, а ВМРО-ДПМНЕ упорно и упорно најавува рудници насекаде. Повторно профитот им е прв и единствен мотив“,
рече Николовски на денешната прес-конференција.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ ветува проекти што веќе СДСМ ги реализирала, а за примери ги споменува неповратните средства на млади земјоделци во висина од 20.000 евра, ратификација на Истанбулската конвенција и решавање на проблемот со долговите на општините.
„Преполни се со ветувања на работи кои веќе се остварени. Ветуваат укинување на роамингот во земјите во Западен Балкан, а реалноста е дека веќе е тоа договорено. Од 1-ви јули 2021-ва цените во роаминг целосно ќе се укинат. Вакви ветувања, празни и лажни концепти прилегаат само на фејк-њуз партија како нив. Велат ќе има нулта толеранција на корупцијата и владеење на правото. Нема поголемо лицемерие од тоа партија чиј почесен претседател е осуден криминалец во бегство, партија чие раководство е секој ден пред судовите, денес да ветува нулта толеранција за корупција и целосно владеење на правото“,
додава Ниоловски.
Според него, предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е со празни фрази, копирани мерки и проекти.
„Полни усти лажен патриотизам. На чело со Мицкоски кој само му го грее столчето на бегалецот од Будимпешта. Покажете им го правецот на тие политики. Во историјата! Кај што им е местото. На 15 јули сите ќе кажеме НЕ на истото нереформирана ВМРО-ДПМНЕ од која едвај спасивме глава“,
вели Николовски.