Ова е најголемиот тендер потпишан во РЕК Битола за ископ на јаглен во последниот период. Првото прашање кое што се поставува е зошто не е избрана најевтината понуда, а е прифатена понуда која што е за околу 30 отсто повисока од најевтината понуда. Имено, понудата која што е прифатена е во вредност од 129,7 денари по гига џул, а имало и понуда која што била 100 денари по гига џул, рече Николовски
Oвие денови, криминалот кој што се случува во последните месеци и последните денови од власта на заминување на СДСМ и на ДУИ го достигна врвот, изјави денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
„Имено, деновиве беше потпишан тендер во вредност од, не помалце ни повеќе, туку 46 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола, помеѓу Електростопанство на Македонија односно Електрани на Македонија, подружница РЕК Битола и омилената компанија на власта ‘Марковски компани’ на белорускиот почесен конзул, Борче Марковски рекордер во тендери во Македонија. Ова е најголемиот тендер потпишан во РЕК Битола за ископ на јаглен во последниот период. Првото прашање кое што се поставува е зошто не е избрана најевтината понуда, а е прифатена понуда која што е за околу 30 отсто повисока од најевтината понуда. Имено, понудата која што е прифатена е во вредност од 129,7 денари по гига џул, а имало и понуда која што била 100 денари по гига џул“,
посочи Николовски.
Според него, имало три понудувачи и не бил избран најевтиниот, туку поскапиот понудувач.
„Па јавно прашувам, каде одат овие 30 отсто? Дали одат само кај Борче Марковски или одат и во структурите на власта, од највисоко до најниско ниво? Прашувам, кој се од власта планира да се опари од овој криминален тендер? Кој се од власта планира да има силен личен финансиски интерес од овој тендер“,
праша Николовски.
Тој посочи и дека Владата на 28.12.2023 година донела одлука во која било посочено во наредните шест месеци Електрани на Македонија да не ги реализираат тековните и предвидени набавки за ископ на јаглен и помошна механизација, како и секоја набавка над 30 милиони денари и да ја информира Владата пред да донесе соодветна одлука.
„Значи на 28 декември им велат на Електрани на Македонија немојте да реализирате веќе потпишани договори за ископ на јаглен кои повторно се на ‘Марковски компани’ и немој да потпишувате договори кои се во вредност од над 500 илјади евра, а веќе во средината на февруари РЕК Битола потпишува договор од фантастични 46 милиони евра. Причината зошто е тоа така е зошто Владата после само еден месец ја менува оваа одлука. Па сакам да прашам дали е ова дел од дилот помеѓу СДСМ и ДУИ каде во братската пљачка СДСМ ќе краде од РЕК Битола, а ДУИ ќе краде од увозот на јаглен. Затоа што во следниот период се очекува да се распише тендер за фантастични 100 милиони евра за увоз на јаглен. Значи, дали дилот е крадењето во РЕК Битола за СДСМ на заминување, а крадењето од увоз на јаглен за ДУИ на заминување“,
изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на која презентираше и документи.
Тој праша и „зошто директорите во РЕК Битола прво се противеле, а потоа се согласиле да го потпишат овој тендер“.
„Сакам да им кажам и на Борче Марковски и на директорите во РЕК Битола и на директорот на Електростопанство, односно Електрани на Македонија, како и на врвните владини функционери кои се замешани во ова, дека ова ќе е приоритет број еден на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ по следните претседателски и парламентарни избори. Ќе се истражи до точка и до запирка и сите до еден кои се вклучени во овој криминал ќе одговараат“,
дециден беше Николовски.