Вицепремиерот вели дека граѓаните ѝ даваат поддршка на оваа генерација која цврсто стои зад темелите на договорите кои овозможија да бидеме дел од НАТО и да ги правиме последните чекори за првата меѓувладина конференција со ЕУ
Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски вели дека сè уште не ја разгледале наредбата на претседателот на САД, Џо Бајден, за ставање на „црната листа“ на оние што не го почитуваат Преспанскиот договор, но вели дека ќе ја почитуваат, а ја оценува како порака за сите оние што ги блокираат и ги кочат процесите во државата.
„Сè уште во детали го немаме видено овој документ, меѓутоа, може да потенцирам дека граѓаните на Северна Македонија цврсто се одлучија да застанат и зад Охридскиот и зад Преспанскиот договор и тоа се темелите на овој нов пат, на ова модерно општество, трансформирано по европски терк со стабилни меѓуетнички односи, ориентирано кон напредок, развој, интеграции. Мислам дека ова е порака за сите оние кои ги блокираат или сакаат да ги блокираат и кочат сите процеси во државата, а граѓаните се изјаснија и постојано даваат поддршка на оваа генерација која цврсто стои зад темелите на овие договори кои овозможија да бидеме дел од најелитниот безбедносен клуб – НАТО и да разговараме или сме пред последните чекори за прва меѓувладина конференција на државата со ЕУ“,
изјави Николовски.
Наредбата на Бајден се однесува за санкции против лица и ентитети на Западен Балкан односно со неа се проширува опфатот на лица и за оние кои покрај Охридскиот рамковен договор, не го почитуваат и Преспанскиот договор. Покрај за непочитување на договорите, санкции ќе следуваат и во однос на корупцијата.
Во соопштението од Белата куќа не се споменуваат имиња, но се наведува дека одлуката е донесена поради состојбата на територијата на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија и во Република Албанија, во текот на изминатите две децении, вклучително и поткопување на повоените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и широко распространетата корупција во рамки на различните влади и институции на Западен Балкан, што го спречува напредокот кон ефективно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции и со тоа претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД.