Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вели дека на вчерашната средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, немал никаков детален план за здравството и за економијата, како што тоа се најавуваше по медиумите. Додава дека Мицкоски барал од претседателот на Владата да му гарантира дека ќе можел да има теренска кампања со митинзи и дека немало веќе да има новозаболени и новопочинати од коронавирус
„Тој имаше план само за една своја лична цел – да бега од темата за избори, наметнувајќи други теми на состанокот“,
пишува Николовски на Фејсбук.
Според него, Мицкоски ја вмешувал Државната изборна комисија (ДИК) како можна пречка за спроведувањето на изборите, како и ОБСЕ и нивните можности за мониторирање.
„Зоран Заев ги отвори и сите датуми кои се можни како опции за спроведување избори во јуни или почеток на јули, на што немаше спротивставување од ниту еден од присутните. Мицкоски не се спротивстави да се разговара за можните датуми, иако денес преку куририте брифира лаги дека само Заев бил за избори“,
вели Николовски.
Следната недела нема бегање, додава генералниот секретар на СДСМ, и сите ќе се построеле според правилата на Комисијата за заразни болести.
„Сите политички партии на лидерската средба изразија целосна и недвосмислена доверба во Комисијата за заразни болести, во епидемиолозите и во Владата за начинот на справувањето со кризата, иако Христијан Мицкоски првично сакал да ја партизира“,
вели Николовски.
Според него, Зоран Заев, излегол со детално разработени факти ги отворил сите аргументи за очекувањата во здравствениот аспект и економските последици.
„И нема да дозволиме еден неспремен и некадарен политичар како Мицкоски да ја попречува новата нормалност, да одолговлекува функционалност на институциите во земјава и да спречува создавање услови за целосен одговор, особено економски одговор, на кризата. Избори мора да има заради здравјето на граѓаните, заради новата економија за која се подготвуваме, заради институциите кои им служат на граѓаните и заради новата нормалност која мораме веќе да ја гледаме како можност, а не како пречка“,
вели Николовски.