Досегашниот вицепремиер за борба против корупција ја презеде министерската функција во земјоделство од заменик-министерот во овој ресор, кој во последниот период беше без министер, поради заминувањето на Беса од Владата
Љупчо Николовски ѝ ја предаде денеска во Владата вицепремиерската функција за борба против корупцијата, за одржлив развој и за човечки ресурси на својата наследничка Славица Грковска, по што замина во Министерството за земјоделство, на саро-новата за него министерска позиција.
Славица Грковска, како што се соопштува, доаѓа на вицепремиерската позиција од местото главен системски аналитичар во Секторот за информатичка технологија, Оддел за информатика и телекомуникации во Министерството за внатрешни работи, каде што била задолжена и за процесот на дигитализација. Исто така, била CAO и менаџер за ЧР во неколку ИТ-компании. Учествувала на повеќе обуки и конференции и е поранешна пратеничка во Собранието.
На примопредавањето, како што се соопштува, Николовски посочил дека во изминатиот период е сработено многу и се поставени системски темели во борбата против корупцијата и криминалот.
„За првпат се донесе План за борба против корупција, со 18 системски мерки. Се донесе нов поприменлив Етички кодекс, со кој се опфатија сите именувани функционери. Спроведени се 15 обуки за над 180 функционери, вклучувајќи ги министрите, заменик-министрите, директори, државни секретари, за одредбите од Кодексот. Во изминатата година и половина се исполнија препораките од ГРЕКО, се обезбедија нови простории за ДКСК, се обезбедија 49 милиони денари за ДКСК за потребниот регистар на Комисијата за избрани и именувани лица и поврзување со останатите 17 институции од кои треба да ги црпат релевантните информации…“,
наброил Николовски.
Потоа, тој ја презеде функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, што ја извршуваше и во првата влада на Зоран Заев.
Како што соопштија од Министерството за земјоделство, примопредавањето беше организирано на откупен пункт за тутун во Драчево, со што, како што се наведува, е испратена порака дека на првиот човек во ресорот местото не му е во канцеларија, туку на терен, меѓу земјоделците. Функцијата на Николовски му ја предаде заменик-министерот Трајан Димковски, со оглед на тоа што овој ресорво последниот период беше без министер, по оставката на Адријанит Хоџа и излегувањето на Беса од владејачката коалиција.

„Продолжуваме со работа, силно и посветено. Секогаш ќе бидеме на терен со земјоделците, секогаш ќе го слушаме нивниот глас и ќе бараме решение за проблемите. Силно ќе се борам во Владата за секој еден сектор во рамки на земјоделството, да ја зголемуваме поддршката, да правиме нови реформи, да се грижиме, да има повеќе пари за земјоделството, да има подобар пласман, земјата да продолжиме да ја даваме на вистинските земјоделци, да имаме што пониски трошоци за производството“,
истакна Николовски.