Коалицијата има за цел заедничка акција на надлежните институции и спроведување мерки и активности за унапредување на доброто владеење и јакнење на културата на интегритет
Вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и за човечки ресурси Љупчо Николовски, кој е и генерален секретар на СДСМ, денеска е назначен за претседавач на Антикорупциската деловна коалиција за борба со корупцијата, која функционира по иницијатива на Интернационалната стопанска комора и Кралството Холандија
„Со назначување на вицепремиерот Николовски на претседавачката функција ќе се постигне подинамична борба против корупцијата,преку воведување на успешни меѓународни практики“,
соопштија од неговиот кабинет.
Тој посочил дека Антикорупциската деловна коалиција има за цел да промовира атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во Северна Македонија кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување.
„Отворивме фронт против криминалот и корупцијата во секоја сфера од општеството и во целиот процес важни ни се сите, институциите, бизнис-секторот, медиумите, невладиниот сектор, односно сите алки во општеството, за да обезбедиме редот и законот да важат за сите.Заеднички ќе работиме на создавање услови за атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во државата, кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување“,
наиша Николовски на Фејсбук.
Претставникот од Антикорупциската бизнис коалиција Габриела Кулебанова истакнала дека коалицијата има за цел заедничка акција на надлежните институции и спроведување на мерки и активности за унапредување на доброто владеење и јакнење на културата на интегритет.
На работениот состанок, присуствувале и Данела Арсовска, претседавач на Интернационалната стопанска комора, Роберт Декер, заменик амбасадор на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, претседателката на Државната комисија за борба со корупција Билјана Ивановска, директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители Наташа Габер Дамјановска и главниот државен ревизор на Државниот завод за ревизија Максим Ацевски.
Во изминатиот период во рамките на коалицијата воспоставена е комуникација и се преземаа активности со релевантните институции кои се важни алки во синџирот и секоја од свој аспект може да даде придонес во борбата со корупцијата.