Пратеничката на владејачката ЛДП, Јулиана Николова, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за идното законско решение за легализација на канабисот за кое се залага оваа партија.
– Легализација или декриминализација. Тоа го дискутиравме. Користејќи го знаењето на невладините организации кои се заминаваат со оваа проблематика, компаративните анализи, од она што се случува во светот, како е уредено. Ние сакаме да направиме еден сеопфатен и одржлив модел којшто ќе биде применлив тука во Македонија – рече Николова.
Таа рече дека во изработката на законското решение ќе биде вклучена јавноста.
Николова кажа дека има многу аргументи „за“.
– Еден од аргументите е дека со легализација на марихуаната се намалува криминалното дејание во врска со продажбата на марихуаната, односно се преселува од црниот пазар во рамките на законските норми кои ќе ги постави државата, или тоа што ќе го дефинираме како закон за легализација. Секаде каде што е декриминализирано, легализирано или либерализирано, се намалува користењето на тешките дроги, но и на самата марихуана, алкохолот и сите други супстанци кои имаат одредено дејство – рече Николова.
Таа зборуваше и за тоа колку реално може да се очекува пратениците да го изгласаат ваквиот закон. Рече дека има неформални разговори со останатите партии и пратеници.
– Тоа се неформални разговори и има различни мислења. Дури има луѓе и од ВМРО-ДПМНЕ коишто сметаат дека е во ред тоа. Има луѓе од различни области кои различно гледаат. Се работи за човеково право и сметам дека нема разлика помеѓу конзервативните или либералните партии. Битно е како човек е поставен, индивидуалниот праг на секого е различен. Иако, знаеме дека на крај се почитува најмногу партискиот став кога се носат одлуките – рече Николова.