Одлуката партијата ја донела на денешната седница на Извршниот комитет. На новинарско прашање дали таа подразбира дека и Максим Димитриевски во Куманово ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателот на партија одговори дека тоа е случај и со Куманово
По денешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, партијата соопшти дека во вториот круг од локалните избори, онаму каде што нема свој кандидат, ќе ги поддржи оние кандидати кои се борат против власта.
„ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта и кои се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална. Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта“,
гласи дел од прогласот којшто го прочита потпретседателот на партијата, Александар Николоски, по завршувањето на седницата на ИК.
На новинарско прашање дали тоа значи дека и Максим Димитриевски во Куманово ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски одговори дека тоа е случај и со Куманово.
„Мислам дека бев многу јасен, секаде каде има кандидати кои се борат против власта, така е и во Куманово, поддршката на ВМРО-ДПМНЕ оди за тие кандидати“,
изјави Николоски.
Поддршката за Димитриевски во Куманово, вчера ја најави и Антонио Милошоски, во гостувањето во емисијата „360 степени“.
Димитриевски, пак, вчера објави дека пиел кафе со Тони Михајловски, кој како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Куманово испадна во првиот круг. Покрај Михајловски, на маса со Димитриевски седнаа и Теодора Димитровска која беше кандидатка на ДОМ и ЛДП и Беким Салиу од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, денеска повтори дека во општините каде немаат свој кандидат, социјалдемократите ќе ги поддржат кандидатите на коалициските партнери – во случај вториот кандидат да е од опозициска партија. Онаму каде ќе се соочат кандидати од партии кои се во коалиција на централно ниво, како во Тетово каде ќе се соочат Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од Беса, СДСМ ќе остави членството само да одлучи за кого ќе гласа.