Доколку Заев не приложи проекти во однос на изградбата на железницата онаму каде што ќе го повикаат, брзата пруга нема да поминува низ Македонија, па и нашите граѓани нема да ги имаат тие привилегии да патуваат до Солун, туку ќе сврти лево и ќе оди преку Бугарија, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски оцени вечерва дека, наместо железницата да биде реконструирана, бидејќи тој превоз е најчист, СДСМ се смее и се потсмева зато што тој рекол дека неговиот сон е да се патува од Скопје до Солун за час и половина. Тој додава дека тоа е начинот на кој СДСМ функционира, без конкретни проекти и без нивна реализација.
„Доколку Зоран Заев во овој момент не приложи проекти во однос на изградбата на железницата онаму каде што ќе го повикаат, брзата пруга нема да поминува низ Македонија, па и нашите граѓани нема да ги имаат тие привилегии да патуваат до Солун, туку ќе сврти лево и ќе оди преку Бугарија и по реката Марица ќе оди надолу, па ќе се спушти кај Солун. Тоа е за 300 километри поголема пруга, но ќе се реализира, бидејќи Бугарија има готов проект, за разлика од Зоран Заев”,
изјави Николоски во гостување на Канал 5.
Според него, доколку таа пруга не се реализира во земјава, ние ќе останеме црна дупка.
„Тоа значи дека покрај оние 2 милијарди евра директна инвестиција, Македонија ќе загуби и линија преку која најбрзо ќе стигнува до Солун, само поради тоа што Зоран Заев и неговите соработници се неспособни и не можат да направат проект и проектна документација“,
вели Николоски.
