Пратеникот во Собранието и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој пред два дена ја отвори темата, утрово преку објава на својот официјален фејсбук-профил тврди повикувајќи се на дел од договорот меѓу Владата и „Бехтел и Енка“, дека дури и да се донесат измените за 60-часовна работна недела по утврдениот рок од 45 дена од потпишувањето на договорот, државата ќе мора веднаш да исплати 53 милиони евра дополнителни трошоци, односно пенали како што ги нарекува опозицијата, на конзорциумот
„Не се точни тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе плаќа пенали ако во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите. Како кај секој друг договор каде што инвеститорот и изведувачот имаат свои права и обврски и согласно случениот договор, Изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски одредби. Но, во тој случај рокот за изведба би бил подолг“, се наведува во реакцијата на СДСМ, која е идентична со вчерашниот одговор на Владата
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивниот политички опонент на власт – СДСМ денеска продолжија со размената на спротивставени тврдења околу временскиот рок во кој Владата се обврзала на исплата на дополнителни милионски трошоци на американскиот-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ доколку не бидат донесени измените на Законот за работни односи за продолжување на работната недела на 60 часа за работниците кои ќе бидат ангажирани на изградбата на дел од коридорите 8 и 10-д.
Пратеникот во Собранието и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој пред два дена ја отвори темата, утрово преку објава на својот официјален фејсбук-профил тврди повикувајќи се на дел од договорот меѓу Владата и „Бехтел и Енка“, дека дури и да се донесат измените за 60-часовна работна недела, но тоа се случи по утврдениот рок од 45 дена од потпишувањето на договорот, државата ќе мора веднаш да исплати 53 милиони евра дополнителни трошоци, односно пенали, како што ги нарекува опозицијата, на конзорциумот.
Николоски во прилог на своите наводи во објавата споделува и дел од документ за кој тврди дека е дел од договорот со спорните клаузили за дополнителните трошоци.
Владата, пак, вчера во допис до медиумите рекоа дека нема да плаќа пенали на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој ќе ги гради коридорите 8 и 10-д доколку не му овозможи поголема работна недела, но во таков случај на сметка на државниот буџет ќе бидат сите трошоци за изградба на автопатиштата откако ќе помине предвидениот рок за изградба од пет години.
Според Николоски, со вчерашниот допис Владата само ги потврдила неговите наводи.
„Откако Владата ги потврди моите наводи дека доколку не се воведе 60 часовна работна недела Македонија ќе плаќа огромни пенали или ‘дополнителни трошоци за изведба’ како што ги нарекува Владата, би сакал со јавноста да го споделам документот во кој се наведени пеналите/трошоците кои ќе ги платат сите граѓани: минимум 53 милиони евра еднократно 2 165 000 евра секој месец! Тоа што сакам денес да го обелоденам е дека согласно истиот договор Македонија ќе ги плати овие пари доколку законот за 60 часовна работна недела не се донесе во рок од 45 ДЕНА по потпишување на договорот со ‘Бехтел и Енка’! Исто така, пишува дека дури и да се донесе законот после овие 45 дена сумата од 53 милиони евра ќе се плати!“,
наведува Николоски во објавата.
Во неа пратеникот понатаму потсетува дека договорот на Владата со „Бехтел и Енка“ беше потпишан на 8 март и посочува дека 45-те дена до кога треба да бидат донесени измените на Законот за работни односи за зголемување на работната недела истекува на 22 април.
„Тоа значи дека на 23 април сите граѓани на Македонија за ништо ќе треба да платат 53 милиони евра. Ова не е само основа за оставка на Ковачевски и Груби, туку и за сериозни кривични пријави, кои ако не ги добијат сега по промената на власта и формирањето на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не им бегаат!“,
пишува Николоски.
На неговата објава преку писмено соопштение веднаш одговорија од владејачката СДСМ од каде што велат дека ВМРО-ДПМНЕ е против секој стратегиски проект во државата и затоа намерно шири невистини за најголемиот проект вреден 1,3 милијарда евра, изградба на коридорите 8 и 10-д.
Одговорот на СДСМ е безмалку идентичен со вчерашниот одговор на Владата.
„Не се точни тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе плаќа пенали ако во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите. Како кај секој друг договор каде што инвеститорот и изведувачот имаат свои права и обврски и согласно случениот договор, изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски одредби. Но во тој случај рокот за изведба би бил подолг. Имајќи предвид дека станува збор за стратешки проект од национален интерес, наместо да трае со години изградбата и да чини повеќе, понудено е решение за да се заврши проектот во што покус временски рок“,
се наведува во реакцијата на СДСМ.
Според владејачката партија не е точно ниту тврдењето дека со измените на Законот за работни односи се нарушуваат работничките права.
„Прво станува збор за предложени измени во Законот за работни односи кои се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес. Второ станува збор за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50 отсто повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа согласно Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор, за останатите прекувремени часови. Трето и најважно, сето тоа ќе се случува само со претходна обезбедена писмена согласност од самиот работник“,
велат од владејачката партија и додаваат дека не се далеку времињата кога ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија системски ги кршеше работничките права, а македонските граѓани ги претставуваше како евтина работна сила.
Промената на Законот за работни односи којашто ќе овозможи зголемување на прекувремените работни часови за работниците што ќе работат на изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, е само дел од низата измени што власта по скратена постапка ги турка во Собранието.
Првично, беа предложени измени на вкупно девет закони. Покрај на Законот за работни односи, стануваше збор и за законите за заштита на културното наследство, за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.
Меѓутоа, по бурните реакции во јавноста, на вчерашната седница беа повлечени предлог-измените на Законот за заштита на културното наследство.
За останатите осум закони, пак, иако имаше пратеници од мнозинството кои гласаа против, Собранието успеа да ја усвои потребата за нивно носење по скратена постапка и тие сега се пред матичните собраниски комисии.
Инаку, за предложените измени на Законот за работни односи вчера во гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител, свој став изнесе претседателот на државата Стево Пендаровски. Според него, измените се неуставни бидејќи како што рече Уставниот суд веќе еднаш се изјаснил оти работна недела подолга од 40 часа (освен по одреди исклучоци да се работи дополнителни осум часа) е неуставна и затоа се чуди зошто воопшто таква одредба сега се предлага.