Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, огромен скандал за дипломатијата е тоа што клучните амбасади подолг временски период не се пополнети, почнувајќи од Вашингтон
С Македонија би ги навредиле Обединетите нации ако го испрати за амбасадор во мисијата во Њујорк професорот Љубомир Фрчковски, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Коментирајќи за информацијата што ја објави „360 степени“ за можно заминување на Фрчкоски во Мисијата на ОН во Њујорк, наместо во Амбасадата на САД во Вашингтон, Николоски, во гостување на Алфа, потсети дека Срѓан Керим беше претседавач на 62. Генералното собрание на ОН (од 2007 до 2008 година). Според Николоски, тоа е врв на дипломатијата, така што „срамота е сега да се брука државата“.
„Доколку е вистина ова за Обединетите нации, навистина, ја брукаме државата, од причина што, да не заборавиме, оваа држава дала претседавач на Генералното собрание на ОН. Срѓан Керим претседаваше со Генералното собрание на ОН, што е врв во дипломатијата и што е врв за една држава, особено мала држава како Македонија. Сега вие во едни такви услови, кога државата успеала таму да стигне до врвот, што многу ретко се случува, да пратите едни вакви компромитирани луѓе, мислам дека ја навредувате и организацијата во која ги праќате, а во случајот тоа е врвната светска организација“,
додаде Николоски.
Според него, огромен скандал за дипломатијата е тоа што клучните амбасади подолг временски период не се пополнети, почнувајќи од Вашингтон.
„Доколку се вистинити информациите што излегоа во јавноста, а никој до сега кредибилно не ги демантираше, дека професорот Фрчкоски бил предложен за амбасадор во САД и не добил согласност од земјата домаќин да оди таму, мислам дека тука треба да застане секакво размислување за каква било дипломатска активност, без разлика што некој може да мисли дека може да има вакви или такви квалитети. Штом државата која треба да го прими како дипломат не дава согласност, нешто што многу ретко се случува, кога мора да има сериозно образложение, тоа е јасна порака дека тука треба да заврши обидот за каков било ангажман после. Сега сакам јавно да прашам дали причината што Зоран Заев вака инсистира да го прати Фрчковски за амбасадор е тоа што му должи затоа што Фрчковски и Нано Ружин ја пишуваа номинацијата за недобиената Нобелова награда на Заев и дали тогаш, кога ја пишувале таа номинација, ветил дека ќе го прати за амбасадор“,
рече Николоски, во гостување на Алфа.