Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, најавата за реотворање на одредени судски случаи е доказ дека години наназад постои политичко влијание врз судството и обвинителството
„Неприфатливо е извршната власт да се меша во судството. Всушност, затоа постои поделба на власта на законодавна, извршна и судска, каде што се и обвинителствата. Со мешање на една од овие власти во случајот извршната во судската се нарушува уставниот поредок на Македонија. Дополнително, ова само потврдува дека години наназад постои политичко влијание врз судството и обвинителството, нешто за што ние долго го зборуваме и го потенцираме, а сега го потврдуваат со еден коалициски договор“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во дневникот на Сител, а зборувајќи за можната ревизија на судски случаи.
Николоски посочи дека во Македонија има еден нефункционален систем затоа што нема владеење на правото и затоа што има корупција.
„Дури и се оди дотаму што ќе барале од ЕК да се замеша, што секако нема да се случи затоа што последна работа што ќе ја направи ЕК е да се меша во судски одлуки. Овој систем на поделба на власти е европски. ЕК во превод значи Влада на ЕУ, и како што Владата во Македонија не може да се меша во судовите, така и Владата во Европа не се меша во судовите“,
нагласи Николоски.
Тој додаде дека на сите граѓани им е јасно дека разговорите што сега се водат за проширување на парламентарното мнозинство се исклучиво базирани на позиции во власта.
„Не треба да се лажат граѓаните дека Заев го зголемува парламентарното мнозинство и прави коалиција заради добивање датум за преговори, и тоа во услови кога е извесно дека тоа нема да се случи“,
вели Николоски.
Во однос на почетокот на преговорите со ЕУ, тој вели дека од една страна има поддршка Македонија да почне преговори со ЕУ, но исто така постои сериозна загриженост, според него, во однос на владеењето на право, степенот на корупција, реформите во јавна администрација и економската состојба.
Николоски вели декаа нема средба со европски политичари а да не прашуваат за овие прашања.
„Јас останувам на тоа што сум го кажал, дека почетокот на преговори со ЕУ, зависи од Македонија, не зависи од Европската Унија и одБугарија. Да беа во Македонија средени работите, да беше Македонија на 30 или 40 место по перцепцијата за корупција, како што ветуваше Заев кога стануваше премиер, а не 111 место, да немаше мешање во судство и обвинителство, да беше подобра економијата, а не каква што е сега, тогаш Македонија ќе имаше одамна почнато преговори. Но бидејќи не е така, на многумина им одговара ова што Бугарија го прави со цел тие да не бидат виновни“,
потенцира Николоски.