Тој нагласи дека е потребно владата да формира едно координативно тело во кое би влегле министрите за внатрешни работи, министерот за труд и социјала, за надворешни работи како координатор, за здравство и за образование, со цел на едно место да се даваат одговори на сите прашања кои ги имаат нашите луѓе од дијаспората
Македонците во дијаспората ги мачи криминалот, корупцијата и лошите услови во Македонија, информира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој заедно со лидерот на партијата Христијан Мицкоски и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, е во дводневна посета на Швајцарија.
„Имавме средби со претставниците на задграничните комитети од повеќе држави на коишто поразговаравме организациски во пресрет на претстојните претседателски и парламентарни избори. Проблемите коишто ги мачат се истите оние коишто се и дома. Без разлика дали зборуваме за високото ниво на криминал и корупција коешто владее во Македонија или лошата состојба во економијата, состојбите во образованието коишто се далеку од добри, дрогата којашто царува на македонските улици помеѓу македонските деца, тоа е нешто што ги загрижува и нашите луѓе, тука во Швајцарија. Така што маките се исти, дилемите се исти, проблемите се исти, решенијата се битни. А, ние презентиравме дел од нашите гледишта коишто ќе бидат дел од нашата програма во следниот период, а се надевам после осми мај и дел од работата на владата“,
истакна Николовски.
Не смееме, нагласи тој, да дозволиме веќе Македонија да е држава во која економијата тоне, а корупцијата цвета.
„Мора да направиме една убава успешна приказна пред сè со директен удар на корупцијата со воспоставување на функционален систем на владеење на правото и со кревање на економијата за да можеме да имаме еден попристоен живот, да бидат луѓето горди што се Македонци, што потекнуваат од Македонија и да има една економска благосостојба да сите имаат еден подобар живот“,
порача Николовски.
Тој нагласи дека е потребно Vладата да формира едно координативно тело во кое би влегле министрите за внатрешни работи, министерот за труд и социјала, за надворешни работи како координатор, за здравство и за образование, со цел на едно место да се даваат одговори на сите прашања кои ги имаат нашите луѓе од дијаспората.
„Тука гледаме на дело како изгледа двојното понижување на Македонецот, Заев и Димитров го понижија со потпишувањето на срамниот Преспански договор кога се промени името на Македонија и сега втор пат го понижуваат со тоа што мора да вадат нови пасоши со новото понижувачко име, во услови кога имаат важечки документи. Значи, ние практично си ги отфрламе нашите луѓе, им велиме не може да се вратите дома во Македонија затоа што немате важечки документи со новото понижувачко име на државата. Тоа е двојно понижување кое СДС му го направи на македонскиот народ и против кое ќе се бориме на 8 мај“,
порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.