Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека наводната владина одлука за именување на Бесмира Ејупи за генерален конзул не е во согласност со Законот за надворешни работи, каде што е предвидено на ваква позиција да се именуваат дипломати од висок ранг или меѓународно афирмирани личности
Аматеризмот оди дотаму што не ни знаат каде ја праќаат. Велат дека ја праќаат во Генералниот конзулат на Македонија во Њујорк, а од 2016 година Конзулатот на Македонија е преместен и не е веќе во градот Њујорк туку е во Њу Џерси, вели потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за наводната владина одлука за испраќање 28-годишна ТВ-презентерка за генерален конзул во Њујорк.
Во утринското гостување на Канал 5, Николоски рече дека Конзулатот е преместен во Њу Џерси затоа што таму има огромна македонска дијаспора и за иселениците да можат полесно да извадат пасоши, други документи.
„Има индиции на кршење на Законот за надворешни работи, затоа што членот 49, кој се однесува на упатување на конзули, вели дека за конзул може да биде испратено лице кое е висок дипломат во рамките на МНР. Или доколку не е така, по исклучок, може да биде испратено лице кое е високо афирмирано во јавноста и во меѓународните односи, така што јавноста ќе се согласи секако дека не е ова лице кое е предложено“,
рече Николоски.

Според него, предвремени парламентарни избори требало да се одржат уште кон крајот на минатата година, веднаш по локалните избори.
„Јас мислам дека избори треба да има во најкраток можен рок, а тоа, според Уставот, е 45 дена, затоа што целокупното одлагање на процесот на предвремени избори само дополнително ѝ носи штета на Македонија“,
вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ како одговор на прашањето дали ќе има избори наесен ако нема подигање на бугарската рампа и почеток на преговорите со ЕУ.
Тој додава дека, ако изборите се организирале уште минатата година, досега Македонија веќе ќе имаше Влада со, како што вели, полн политички легитимитет, која, покрај прашањето со почетокот на преговорите со ЕУ, ќе можеше да ги решава и криминалот и корупцијата, како и економско-енергетската криза.