Веста дека пратеникот Антонио Милошоски бил осуден за две дела во Ахен, Германија, пред да стане министер за надворешни работи во владата на Никола Груевски е дело кое може да му се случи секому, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој во вечерашното гостување на емисијата „360 степени“, праша зошто сега се објавува тоа.
„Теоретски, еве да веруваме на медиумот, не сакам ништо да негирам. Но, колку што прочитав се работи за дело кое е парична казна и може да му се случи на секого. Антонио ниту убил некого, ниту ограбил некого, ниту сторил тежок криминал. Интересното прашање е тука, зошто тоа се објавува дури после 20 години“,
вели Николоски, кој додаде дека деновиве поради обврски не се видел со Милошоски и не разговарале на оваа тема.
Тој верува во демантот на Милошоски, но додава дека дури и да се вистинити обвинувањата, не станува збор за тешки кривични дела, туку за прекршочни. Според него, ако се алудира на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ го штитела Милошоски во 2006 година кога беше назначен за министер за надворешни работи, тогаш ова би се објавило во 2016 година – кога се менуваше власта.
„Оливер Спасовски беше министер тогаш. Ако алудираме на тоа дека некој од ВМРО-ДПМНЕ сакал да го заштити Милошоски, зошто тоа не беше објавено во 2015 или 2016 година. Дали ова се прави затоа што Антонио беше доволно храбар да изнесе во јавноста материјали кои стигнале до него и што алудираат на силен криминал во редовите на власта и дали таа цела екипа која е загрозена од тие материјали реши да го напаѓа Антонио“,
праша Николоски, кој верува дека ова е монтиран случај против пратеникот на опозицијата.