„Бугарија ќе има сопствено толкување на обврските од Протоколот кој го потпиша Бујар Османи и сега имаат полно право да бараат реализација на свој начин“, рече Николоски
Бугарските барања континуирано растат и тие, за жал, се прифаќаат од страна на владата на СДСМ и ДУИ надевајќи се на тој начин дека ќе останат ден повеќе на власт со цел да го продолжат криминалот, изјави потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување на ТВ Канал 5.
„Она што го гледаме од бугарска страна е дека нема крај на нивните барања. Се работи за 150-годишна стратегија која е многу јасна, да не се лажеме, а тоа е дека Бугарија смета дека само случајно на својата западна граница граничи со народ ист како бугарскиот и со народ кој зборува јазик кој е дијалект на бугарскиот јазик, осносно Бугарија смета дека граничи сама со себе и веројатно би била многу посреќна доколку би имала една друга гранична линија која би одела многу позападно. Во такви услови да има ваква наивност на македонската дипломатија покажува или само желба за власт или тотален аматеризам“,
рече Николоски.
Тој потенцираше дека ќе има барања за менување учебници по историја и географија, барање за промена на натписи и табли пред споменици, притисок да се менуваат наставни програми, да се карактеризира македонскиот народ како народ кој нема историја, а македонскиот јазик како бугарски дијалект.
„Од Владата велеа дека Протоколот нема да е дел од преговарачката рамка, иако во неа јасно пишува дека Протоколот е дел од преговарачката рамка. Во него има преку 20 страници обврски за Македонија. Бугарија ќе има сопствено толкување на тие обврски од Протоколот кој го потпиша Бујар Османи и сега имаат полно право да бараат реализација на свој начин“,
смета тој.
Николоски уште еднаш посочи дека Бугарија нема спроведено ниту една од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур кои се однесуваат на малцинските и јазичните права на Македонците во Бугарија.
Тој истакна дека македонските граѓани мора да бидат прашани и да дадат свој став дали ја прифаќаат преговарачката рамка.
„Во однос на референдумот, прашањето сè уште не е дефинирано, ние кажавме дека во текот на август ќе правиме консултации со експертската јавност во однос на најдобро формулирање на прашањето и најдобро барање на суштината на ова што е проблем за Македонија, а тоа е континуираната уцена на Бугарија“,
истакна Николоски.
Николоски зборуваше и за најавената даночна реформа и рече дека зголемувањето на даноците е катастрофална мерка на Владата.
„Економијата ја водат луѓе кои немаат познавање од јавниот сектор и имаат познавање само од оној, условно кажано, научен дел кој се однесува на статистика, но не на реалната економија. Откако министерот за финансии најави дека ќе зголемува даноци, бевме во комуникација со реалниот сектор. Реалниот сектор размислува за две работи – или да затвори, што би значело илјадници луѓе оставени на улица, што значи помалку даноци затоа што тие нема да работат и во буџет нема да приходуваат, или размислуваат како да направат даночна евазија, односно да најдат начин да не плаќаат даноци, што ќе значи зголемување на сивата економија и повторно помалку средства во буџетот. Значи, од двете варијанти со зголемување на даноци во буџетот ќе има помалку наместо повеќе средства како што планираат од Владата“,
рече Николоски.