Ако некој не пие алкохол, тоа е Зоран Заев, рече денеска лидерот на СДСМ коментирајќи ја изјавата на неговиот коалициски партнер Али Ахмети, кој го обвини Заев дека по две чашки ракија зборувал дека ДУИ треба да оди во опозиција.
„Промашил комплетно човекот. Зоран Заев може со македонско вино со домашна ракија да наздрави, ама под дејство на алкохол… Не сум бил никогаш пијан во животот. Така што, секојпат јас можам да се дружам, да седам со луѓе во ресторан, ама под дејство на алкохол… мојот досегашен коалициски партнер ја промашил оваа работа“,
рече Заев.
Ахмети, пак, во интервју за албанската телевизија ТВ Сури, коментирајќи ја реториката на Заев против ДУИ, обвини дека едно зборувал пред него, а друго пред јавноста.
„Заев овие изјави ги кажува во кафеана кога пие две чаши ракија, a кога е со мене зборува поинаку. Јас не сум од тие што наутро зборуваат друго, а попладне друго. За нас е подобро да победи сегашниот партнер, но сепак граѓаните одлучуваат. Но, така Заев изјавува, јас не сум таков“,
рече Ахмети.