Жителите на Скопје се доведуваат во опасност од поплави и ерозии бидејќи со овој предлог се заштитува само биодиверзитетот, критикуваат професори и граѓански организации. Бараат посебен закон за Водно кој ќе обезбеди заштита од сите аспекти и јасен план за управување
Владата да ја запре постапката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје од петта категорија и да обезбеди сестрана интегрирана заштита на Водно со носење посебен закон во консултација со експертската јавност, ова барање поддржано од 38 граѓански здруженија и иницијативи, предводени од „Го сакам Водно“ и „О2 иницијатива“, денеска уште еднаш го изложија на прес-конференција на која говореа и експерти и универзитетски професори.
Активистите побараа да се слушнат ставовите на експертската јавност и да се донесе законско решение кое нема да се фокусира само на заштитата на биодивиерзитетот, туку на целокупна заштита на Водно.
„На јавните расправи имаше многу забелешки, но во секој момент бевме игнорирани и се поставува големо прашање за транспарентноста на постапката. Се игнорираат напорите на сите луѓе кои неуморно се труделе за Водно, за пошумување, формирање канали, каскади, сѐ тоа тоа се игнорира во нова постапка за резаштитување. Се игнорира експертизата. Дали сакаме да ни се случи пак една работа како патот за Сончев град? И тогаш се игнорираше експертизата. Бараме повлекување на оваа постапка и бараме експертска меѓуресорна комисија. Од Министерството за животна средина се формираше техничка група каде што имаше само институции, не се знае што се дискутираше, какви се забелешките и се носи став само од секторот за природа, а природниот аспект е само мал дел од заштитата на Водно“,
рече Татјана Стојановска од „О2 иницијатива“.
Против оваа иницијатива за репрогласување на парк-шумата Водно за заштитен предел од петта категорија се и голем дел професорите на Шумарскиот факултет во Скопје.
Професорката и продекан на факултетот, Македонка Стојановска, алармираше дека на планираниот начин за зонирање на Водно, во дел од зоните дозволени се секакви активности.
„Законот за заштита на природата има само за цел за заштита на природното наследство, меѓутоа го потенцирам терминот природно наследство, ако ги земеме фактите дека Водно е вештачко пошумено, тогаш како може оваа вештачки подигната шума да биде според Законот за заштита на природа, каде што се вреднуваат природните вредности? Според тој законот за заштита на природа, во секое заштитено подрачје има четири заштитени зони. Според предлогот на студијата или зонирањето на планината Водно, во зоните за активно и одржливо користење дозволени се секакви активности. Повторувам, секакви активности. Затоа прашувам која ќе биде разликата ако Водно досега беше парк шума, а сега се вика заштитен предел од петта категорија. Која ќе биде разликата во заштитата на овој предел? Затоа поголем дел од професорите се против оваа иницијатива. Дали сакаме да го заштитиме биодиверзитетот на Водно или сакаме да ги заштитиме Скопје, инфраструктурата и граѓаните на Скопје?“,
рече Македонка Стојановска, продекан на Шумарскиот факултет во Скопје.
Се бара посебен закон за заштита на Водно
И активистите и експертите порачаа дека за ефикасна заштита на Водно неопходно е да се донесе специјален закон бидејќи, како што велат, заштитата на природните подрачја со уважување на само еден аспект е погрешна и може да биде погубна.
„Водно треба да се чува на начин којшто нема да ги намали неговите вредности. Сметаме дека во услови на правен вакуум, единствената можност за решение на ова прашање е донесување на посебен закон, како што веќе имаме такви примери. Суштината на тој закон е тој да утврди на кој начин и како треба да се заштити Водно, бидејќи не е само природно подрачје, има вредности далеку позначајни од она што е природа. Во посебен закон треба да се утврди дека на Водно му треба план за интегрално управување, не план за заштита. Дали ни треба заштитено Водно кое ќе биде закана по безбедноста на граѓаните?“,
рече Душица Трпчевска Ангелковиќ од Агенција за планирање на просторот.
На прес-конференцијата говорниците потсетија дека во минатото Водно било пошумувано токму поради безбедносниот аспект, поради појава на ерозија и поплави.
Претставникот од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Васко Стојов, раководител од Секторот хидрологија, посочи дека не биле земени предвид нивните забелешки изнесени на јавната дебата за Водно. Тој потсети на неколку природни катастрофи како поплавите во Скопје од 1951 година и поплавите во Стајковци од 2016 година и порача дека Водно мора да се третира од аспект на безбедносната заштита на Скопје.
„Поројните поплави биле предизвикани од поројни дождови на Водно и предизвикале катастрофа. После тоа, градот, државата и граѓаните се мобилизирале и биле донесени различни акти и се изградија канали, каскадни предели со цел забавување на брзината на движење на отпадните води. Водно било изорано и била посадена шума, со која денес се гордееме. Тогаш било третирано Водно со цел да се заштити Скопје. Денеска ако отидеме горе, ќе видиме запоставени канали и запоставена планина. Зборуваме за климатски промени. Доволно е да ги видиме податоците на УХМР и ќе видиме дека температурите на воздухот имаат тенденција на покачување, тоа ќе донесе поголемо испарување, тоа носи загуби на вода и појави на суша, но во иднина не нѐ очекуваат само суша, туку и зачестена појава на поројни поплави. Ќе потсетам и на катастрофата од Стајковци во 2016 година. Кога тогаш излеговме на терен, видовме дека низ Водно дождот предизвикал копање на почвата и заедно со водата оделе низ Водно надолу, водата со таа силина удира на обиколницата предизвикувајќи голема катастрофа. 23 животи беа изгубени. Дали тоа можеше да се спречи? Не. Но со носење разни акти за заштита за одржување, природно и биолошко одржување и заштита од ерозија, подобар систем за мониторирање ќе донесеше помалку загуби. 23 е причина да излеземе и да се избориме за Водно, за Скопје да биде заштитено од Водно и да донесеме закон за тоа“,
рече Стојов
Критики за планот за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје од петта категорија упати и универзитетскиот професор Иван Блинков.
Тој посочи дека жителите на Скопје се доведуваат во опасност од поплави и ерозии бидејќи со овој предлог се заштитуваат само неговите природни богатства и природата.
„Тоа министерство е за животна средина и просторно планирање, а не министерство за природа. Дали ние како граѓани на Скопје треба да бидеме жртва на заштита на природното наследство. Што ни е поважно, безбедноста или заштитата на тревки, габи и еден локалитет со инсекти? Јасно е дека ова е незнаење. Непознавање на работите“,
рече Блинков.
Министерство за животна средина: Петтата категорија на заштита не пречи да се донесе и закон за Водно
Министерство за животна средина и просторно планирање вчера во соопштение до јавноста посочи дека предлогот за заштита на Водно како заштитено подрачје од петта категорија ќе го достават до Владата и дека донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен закон за Водно.
„Следствено, согласно надлежностите МЖСПП, како препорачано решение до Владата на РСМ ќе ја достави Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел со дополнување кое ќе ги опфати обврските и мерките согласно прописите за заштита од ерозија, а исто така ќе побара од Владата на РСМ да ги задолжи надлежните органи и единиците на локална самоуправа доследно да ги исполнат барањата од останатите релевантни прописи за да се обезбеди заштитата на сите ерозивни подрачја во државата. Воедно, МЖСПП укажува дека донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен Закон за Водно од Градот Скопје или друга заинтересирана страна, кој откако ќе биде изработен ќе може да ја инкорпорира и донесената Одлука согласно Законот за заштита на природата“,
се вели во соопштението.
Коментирајќи ги овие активности и противењето на невладиниот сектор и голем дел од експертската јавност, скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред неколку дена рече дека и тој ќе инсистира да се донесе посебен закон за Водно.
„Министерство за животна средина дека продолжуваат консултации со институции и Град Скопје. Знаете дека јас лично се залагам за носење законско решение за целиот комплекс, не само за Водно и за Матка, со цел нивото на заштита да биде што е можно поголемо. Цело време сме во разговори и со граѓанските асоцијации и Министерството, можеби демократијата е побавна, но важно е да се слушне гласот на граѓаните. Инклузивен е процесот и е во тек и очекувам добро квалитетно решение. Инсистирам да биде законско решение за да не си играме играчки со Водно, да не му текне на некој повторно да прави пат низ водно“,
рече Шилегов.