Предлог-законот за јавното обвинителство е донесен избрзано и преку ноќ, без консултации и јавна расправа – реагираат од Блупринт групата за реформи во правосудството.
Групата во која членуваат седум граѓански организации кои ги мониторираат реформите во правосудниот систем, сметаат дека новото предлог-решение е донесено на начин кој не смее да биде применуван за нешто толку значајно. Тие се незавоволни бидејќи Владата го поднесла предлогот без јавна расправа и без консултации со нив.
„За последното законско решение не бевме запознати, тоа дојде некако преку ноќ, во летен период, а се предвидува законот да се носи и во скратена постапка. За вакви работи ние минатите годни бурно реагиравме, ваков закон не може да се носи по скратена постапка, ваков закон не треба да биде резултат на политички преговарања помеѓу партиите. Она што за нас е најважно е да се покаже вистинска волја дека оваа Влада ќе се бори против корупцијата. Без оглед на тоа каков закон ќе се донесе, доколку не постои таква волја ние нема да можеме да се справиме со феноменот на неказнивост, феномен кој се провлекува години наназад кој беше главна карактеристика во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“,
вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Групата имаше замерка и на начинот на кој се води случајот „Рекет“, посочувајќи дека изнесувањето истражни дејствија во јавноста е спротивно Законот за кривична постапка.
Покрај Хелсиншкиот комитет, групата Блупринт ја сочинуваат и Центар за правни истражувања и анализи, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Институт за европски политики, Македонско здружение на млади правници, Институт за човекови права и Сите за правично судење.