Израелските власти тврдат дека Рафах е последното преостанато упориште на Хамас и дека треба да биде следна цел на војската во заокружувањето на планот за целосен пораз на Хамас
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ наредил на војската да подготви план за евакуација на населението во Рафах, пред очекуваната израелска инвазија на градот на југот на Газа, пренесува „Гардијан“ повикувајќи се на новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

Дека издал ваква наредба, Нетанјаху објавил денеска, и покрај критиките што доаѓаат од повеќе страни за планот на Израел да изврши копнена офанзива во пренаселениот град на границата со Египет.
Градот е засолниште за стотици илјади Палестинци кои претходно беа раселени од други делови на Појасот поради операциите на израелската војска во војната со Хамас.
Израелските власти тврдат дека Рафах е последното преостанато упориште на Хамас и дека треба да биде следна цел на војската во заокружувањето на планот за целосен пораз на Хамас.
Нетанјаху, како што јавува АП, рекол оти е потребна масовна операција во Рафах. За таа цел, како што изјавил, побарал од безбедносните служби да изготват двоен план, кој ќе вклучува евакуација на цивилите од градот и воена операција, која треба да доведе до колапс на палестинската милитантна група.
Претходно денеска израелските сили бомбардираа цели во Рафах. Нападот се случи неколку часа откако претставници на администрацијата на Бајден и хуманитарните агенции го предупредија Израел да не ја проширува својата копнена офанзива во Газа во градот кој е засолниште за огромен број цивили и главна точка преку која влегува хуманитарната помош за Појасот.
Во воздушните напади денеска, според новинските извештаи, биле погодени две станбени згради во Рафах, додека на две други локации биле бомбардирани во центарот на Газа, вклучително и детска градинка адаптирана во засолниште за раселените Палестинци. Според новинарите на АП кои ги виделе телата како пристигнуваат во болниците, во нападите загинале 22 лица.
Намери на Израел да ја прошири својата копнена офанзива кон Рафах, исто така, предизвика реакција во Вашингтон.
„Ние допрва треба да видиме докази за сериозно планирање за таква операција. Да се продолжи со таква офанзива сега, без никакво планирање и во област која е засолниште на милион луѓе би било катастрофа“,
изјави вчера портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
Портпаролот на Советот за безбедност на Белата куќа рече дека копнената офанзива на Израел во Рафах не е нешто што САД би го поддржале.
Коментарите, наведува „Гардијан“, сигнализираат засилено американско несогласување со Нетанјаху, кој неделава објави дека војната во Газа ќе трае додека Израел не извојува апсолутна победа. Пораката Нетанјаху ја испрати додека американскиот државен секретар Антони Блинкен беше во Израел за да изврши притисок за договор за прекин на огнот во замена за ослободување на десетици на заложниците кои ги држи Хамас.