Целта на воената кампања на Израел, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, е ништење на Хамас. Вели дека тоа се обидуваат да го направат со минимални цивилни жртви, но оти обидите за нивно минимизирање не се успешни
Израел прави сè за да ги извлече цивилите од опасност додека се бори со Хамас, но обидите за минимизирање со жртвите не беа успешни, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за американската телевизија Си-би-ес.
Тој беше прашан дали убиството на илјадници Палестинци од страна на Израел, како одмазда за нападот на 7 октомври од страна на Хамас, ќе поттикне нова генерација на омраза.
„Секоја цивилна жртва е трагедија. Правиме сè што можеме за да ги извлечеме цивилите од опасност, додека Хамас прави сè за да ги задржи на штетен пат. Испраќаме летоци, им се јавуваме на нивните мобилни телефони и им велиме – заминете. А, многумина си заминаа“,
рече Нетанјаху.
Целта на воената кампања на Израел, вели Нетанјаху во интервјуто за Си-би-ес, е ништење на Хамас.
„Ќе се обидеме да ја завршиме таа работа со минимални цивилни жртви. Тоа е она што се обидуваме да го направиме – минимални цивилни жртви. Но, за жал, не сме успешни“.
додава израелскиот премиер.
Здравствените власти во Газа, кои Обединетите нации ги сметаат за релевантни, велат дека најмалку 11 500 луѓе се убиени во израелско бомбардирање, а повеќе од 4 700 од нив се деца.