Претходно Јован Деспотовски, кој беше еден од кандидатите за лидер на СДСМ, обвини дека на над 10 илјади партиски члена не им било дозволено да гласаат на внатрепартиските избори за нов лидер, а и оние што излегле на гласање биле вратени
До Централната изборна комисија (ЦИК) на СДСМ е пристигнат само еден приговор во врска со вчерашните избори за лидер на партијата, информира претседателката на Комисијата, Викторија Аврамовска-Мадиќ.

Претседателката на ЦИК го оцени како целосно несоодветно тврдењето дека на голем број партиски членови им било оневозможено да гласаат на внатрепартиските избори и оти тоа влијаело на изборниот процес.
„Уште вчера, во текот на денот, Комисијата соопшти дека е мал бројот на членови, вкупно 51 кои побараа да им биде овозможено да гласаат иако не биле на избирачкиот список. На седум им е прифатено барањето, а 44 се одбиени зашто по проверка во системот се констатираше дека седум се акредитирале, а 44 дека не се акредитирани преку активна регистрација и не е доставен образец за активна регистрација“,
рече Аврамовска-Мадиќ на денешната прес-конференција.
На денот на гласањето, вели Аврамовска-Мадиќ, секој претседателски кандидат имал свои контролори на 77. избирачки места и во Централната изборна комисија.
„Како ЦИК констатиравме дека имаме кредибилен и демократски процес за избор на претседател на СДСМ. Гласањето и целиот процес се одвиваа непречено и мирно, во фер и демократска атмосфера. Волјата на членовите на СДСМ е јасно и недвосмислено изразена“,
вели Аврамовска-Мадиќ.
Претседателката на ЦИК посочи дека нема потреба за втор круг на изборите за лидер на партијата, зашто, како што рече, според Статутот на СДСМ, победник на внатрепартиските избори е оној кандидат кој освоил над 50 проценти од гласовите на оние кои излегле на гласање.
Актуелниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кој беше еден од кандидатите за лидер на СДСМ, обвини дека на над 10 илјади партиски членови не им било дозволено да гласаат на внатрепартиските избори за нов лидер, а и оние кои излегле на гласање, биле вратени. За ова, како што рече, ќе поднесе приговори до ЦИК на СДСМ.