Поради ваквата околност, од Хелсиншки велат дека е логично да се постави прашањето каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници коишто го сочинуваат, одлучија да останат неми пред граѓаните што ги избраа во моменти кога им се најпотребни
Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности, реагираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Реакцијата на Хелсиншки е поради двонеделната пауза на активностите на пратениците во парламентот по трагедијата во Кочани, поради што беше одложена и седницата за пратенички прашања, која според праксата на законодавниот дом редовно се одржува последниот четврток во месецот.
„Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања“,
се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Оттаму потсетуваат дека законодавната функција на Собранието е само една од основните уставни улоги кои ги има парламентот, посочувајќи дека тој има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања, велат, се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и на другите носители на јавни функции.
„Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес. Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции“,
велат од Хелсиншки.
Оттука, како што наведуваат оттаму, несфатливо е што Собранието имајќи ги овие механизми на располагање наместо да ги искористи, одлучи да не одржува седници.
Поради ваквата околност, од Хелсиншки велат дека е логично да се постави прашањето каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници коишто го сочинуваат, одлучија да останат неми пред граѓаните што ги избраа во моменти кога им се најпотребни.
Според невладината организација, ако ништо друго, закажувањето на седница за пратенички прашања можеби ќе го отвореше просторот за посуштествена дебата и на некој начин ќе ги артикулиураше насоките по кои што треба да се движат работите понатаму.
„Воедно седницата ќе дадеше можност пратеници и Собранието јавно да искажат сочувство до семејствата на жртвите и жалење за страшната трагедија. Граѓаните очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни“,
велат оттаму.
Во таа насока, од Хелсиншки велат дека очекуваат Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот.
„Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво“,
велат од невладината.

Дека Собранието ја паузира работата поради сензитивноста на случајот во Кочани, беше објавено во понеделникот, а појаснување за ваквата одлука со јавноста и медиумите од парламентот споделија следниот ден, информирајќи дека таа била донесена со согласност на сите пратенички групи.
„Привременото одложување на активностите на Собранието беше гест на почит кон трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија млади луѓе и израз на солидарност со семејствата на жртвите и со сите граѓани погодени од оваа катастрофа. Собранието ќе продолжи со работа следната недела“,
информираа од парламентот.
Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ за утре, 29 март, во 11 часот најави нов протестен собир, овој пат пред Собранието. Во најавата за собирот објавена на социјалните мрежи, од иницијативата посочуваат – „Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието“ – алудирајќи на двонеделната пауза на активностите на пратениците во парламентот по трагедијата во Кочани.