На одлуката реагираше и самиот Џорџеску, кој ја нарече „директен удар во срцето на демократијата низ светот“
Немири и насилство избувнаа синоќа во главниот град на Романија, Букурешт, откако приврзаници на екстремнодесничарскиот популист Калин Џорџеску излегоа на протести против одлуката на Централната изборна комисија на земјата да ја отфрли неговата кандидатура за прегласувањето на претседателските избори што треба да се одржи во мај, пренесуваат агенциите.

Џорџеску, кој претходно беше релативно непозната фигура во земјата, победи во првиот круг од претседателските избори одржани во ноември лани, но неговата победа беше поништена од Уставниот суд два дена пред вториот круг гласање во декември поради наводи за руско мешање во негова корист, што Москва веднаш го негираше.
Во петокот 62-годишниот Џорџеску ја поднесе својата кандидатура за прегласувањето на претседателските избори, за која централното изборно тело на Романија, познато под акронимот БЕК, имаше рок од 48 часа да се изјасни дали ќе ја прифати или не.
Одлуката на дојде вчера, а во неа Комисијата, која се изјасни негативно во однос на кандидатурата на Џорџеск,у, ја цитираше одлуката на Уставниот суд на земјата за поништување на минатогодишните избори наведувајќи дека екстремнодесничарскиот кандидат не се усогласил со изборните прописи.
„Неговата кандидатура не ги исполнува условите предвидени со закон, кои Уставниот суд ги утврди во декември 2024 година… Би било неприфатливо за рестартираниот изборен процес истото лице да се смета за подобно за претседателската функција“,
соопштија од БЕК, пренесува Асошиејтед прес (АП).
Сега, како што наведува агенцијата, Џорџеску има рок од 24 часа да поднесе жалба на решението на централното изборно тело на Романија.
По одлуката на Комисијата, стотици демонстранти кои го поддржуваат ултрадесничарскиот политичар се собраа пред нејзиното седиште за да го изразат својот револт.
Тие носеа и веаја романски знамиња и скандираа пароли од кои една гласеше: „Последната опција е уште револуција“.

Дел од демонстрантите, според новинските извештаи, фрлале со камења и други предмети кон многубројните полициски кордони испратени на местото за смирување на тензиите. За време на насилните протести, како што објави АП, демонстрантите превртеле и едно телевизиско возило, а биле запалени и гранки од дрвја.
На одлуката реагираше и самиот Џорџеску, кој ја нарече директен удар во срцето на демократија низ светот.
„Имам уште една порака! Ако падне демократијата во Романија, ќе падне целиот демократски свет! Ова е само почеток. Толку е едноставно! Европа сега е диктатура, Романија е под тиранија!“,
напиша тој на социјалната платформа Икс.
Одбивањето на кандидатурата на Џорџеску од страна на БЕК доаѓа откако романскиот Уставен суд ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори во ноември лани, а два дена пред одржувањето на вториот круг на 8 декември, откако се појавија наводи за руско мешање во изборите, преку координирана онлајн кампања за промовирање на Џорџеску, кој се кандидира како независен и првично важеше за аутсајдер во изборната трка.
Минатиот месец романското обвинителство покрена и кривична истрага против крајнодесничарскиот кандидат поради сомневања за „поттикнување акции против уставниот поредок“, поддршка на фашистички групи и лажни изјави за финансирање на изборната кампања.
И Џорџеску и Москва ги отфрлија ваквите наводи.

Тој тврди дека не е проруски ориентиран, и покрај неговите јавни фалби на рускиот претседател Владимир Путин и изјавите во кои ја доведува во прашање државноста и суверенитетот на Украина.
Инаку, првиот круг од прегласувањето на претседателските избори во Романија е закажан за 4 мај, а доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите ќе следува втор круг на 18 мај. Крајниот рок за пријавување претседателски кандидатури е 15 март на полноќ.
Џорџ Симион, лидерот на екстремнодесничарската Алијанса за единство на Романците, кој ја поддржа кандидатурата на Џорџеску, исто така реагираше на одлуката на БЕК нарекувајќи ја „нова злоупотреба и продолжување на државниот удар“.
„Долу Чолаку, долу диктаторите!“,
напиша тој во објава на Фејсбук, притоа мислејќи на премиерот на Романија, Марсел Чолаку.
Откако Романија ги поништи претседателските избори лани, Џорџеску стана славна личност причина екстремната десница. Тој доби поддршка и од американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и Илон Маск, кои силно ја критикуваа Романија за поништување на гласањето.

Инаку, меѓу политичарите што поднесоа кандидатури за прегласувањето во мај е и актуелниот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, кој настапува како независен кандидат под слоганот „Чесна Романија“.
Крин Антонеску е заеднички претседателски кандидат поддржан од романската владина коалиција составена од Социјалдемократската партија, Национал-либералната партија и малата етничка унгарска партија УДМР.