Враќањето на задолжителниот воен рок, според министерката, со себе би донел и одредени последици, односно предизвици со кои потенцијално би се соочила државата
С Македонија не размислува за враќање на задолжителниот воен рок, пред сè затоа што нема зголемена безбедносна закана. Ова во интервју за МИА го изјави министерката Славјанка Петровска прашана дали се планира повторно враќање на воениот рок во земјава откако неодамна таква најава стигна од соседна Србија.

Враќањето на задолжителниот воен рок, според Петровска, со себе би донел и одредени последици, односно предизвици со кои потенцијално би се соочила државата.
„Тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и што е уште поважно, тоа ќе значи дека на сите оние коишто ќе наполнат 18 години, ако воениот рок биде задолжителен како што се размислувањата, младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту, пак, да го продолжат навремено образовниот процес. Прекратувањето или одлагањето на тоа нивно право мислам дека повеќе ќе биде на штета не само на нив, туку и на државата“,
вели Петровска во интервјуто за МИА.
Според министерката, професионалната армија е тоа што го држи квалитетот на Армијата. Капацитетите на македонската армија, како што вели Петровска, се градат во континуитет, а резултатите се видливи преку нејзиното учество во вежби и меѓународни мисии.
„Концептот на доброволно служење на воениот рок го напуштивме некаде 2005-2006 година и лично, ако јас се прашувам и како граѓанин, меѓутоа и како министер за одбрана, ќе кажам дека тоа е една од подобрите одлуки кои биле донесени во развојот на македонската Армија“,
вели министерката за одбрана.
Неодамна српскиот претседател Александар Вучиќ најави можно враќање на задолжителниот воен рок во Србија откако со таков предлог настапиле министерот за одбрана и Генералштабот.