Имам едно чувство за него дека има мотив за успех по секоја цена, кој не е прифатлив и е опасен. Можеби грешам, дај Боже да грешам
Тој рече дека будно ќе го следи процесот и „ќе отвори и повеќе“ ако мисли дека преговорите одат во погрешен правец
Мене идниот премиер никогаш не ми бил шеф и не сум сигурен дека ја следел мојата работа за да да биде во тек со сите напори во изминатиот период. Тој нема баш искуство и знаење во надворешната политика, рече Димитров
Јас не сум против решение, туку сум за добро решение на проблемот со Бугарија и ако се оди во таа насока ќе ја имаат мојата поддршка, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој нема да биде дел од новата влада. Тој на денешната последна прес-конференција од оваа функција рече дека ќе има и нови одлучувачи, но има и стари играчи, во кои од досегашното искуство од година и половина од преговорите, како што рече, нема целосна доверба.
На новинарско прашање да посочи дали се работи за министерот за надворешни работи Бујар Османи, Димитров одговори потврдно.
„Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни работи. Имам едно чувство дека има драјв за успех по секоја цена кој не е продуктивен и е опасен. Можеби грешам, дај Боже да грешам“,
рече Димитров.
Во неговото обраќање тој спомена дека тој не е дел од идната влада бидејќи некому му пречеле неговите ставови, а на новинарско прашање да посочи конкретно кому, тој прашањето го насочи кон идниот, но и кон стариот премиер.
„Но очигледно разликите се темелат на овие два столба: преговорите со Бугарија и ставовите за определени други прашања. Мислам дека наративот и одговорноста по ‘Шарената револуција’ е поприлично разнишан и таа треба да се размисли во кој правец одиме и што сакаме да направиме“,
рече тој.
Салама-тактика
Појаснувајќи го неговиот став во однос на преговорите, Димитров повтори дека според него треба да се опстои на тоа билатералните прашања и што ќе има во преговарачката рамка не треба да се гледаат одделно, македонскиот јазик мора да биде исто претставен во преговарачката рамка како сите други европски јазици без дообјаснување од ЕУ и дека пристапниот процес мора да има врска со европеизацијата дома, односно треба да зависи од демократијата, слободата на медиумите, почитувањето на човековите права и борбата против корупцијата и организираниот криминал, а не од тоа дали комисијата на историчарите ќе се усогласи за еден или друг херој или настан од минатото.
На новинарско прашање дали може да посочи конкретно за што дошло до несогласување во однос на позициите кон Бугарија, рече дека на двапати имало кулминација во Брисел и во Скопје и додаде дека не би сакал да му наштети на преговарачкиот процес и дека може да издвои само нешто што нема да има влијание.
„Дали треба да се направат чекори, во смисла на концесија од наша страна без тие да бидат пресретнати со чекори од другата страна за да има приближување кон достоинствен компромис. Тука јавно прашувам: Дали размислуваме да направиме чекори без притоа да биде договорено да има чекори и од другата страна? Во преговорите тоа се нарекува еден вид салама-тактика и ако излегувате во пресрет со еден елемент, на еден начин го отежнувате тој процес, односно им кажувате дека ако се доволно ‘тврди’ и доволно долго опстојат на ветото ќе ги добијат на крај сите свои барања“,
рече Димитров.
Идниот премиер не може да ја оценува мојата работа
Во однос на оцената на неговата работа, Димитров рече дека новиот премиер не може да го прави тоа бидејќи, како што рече, нема некое искуство и знаење од надворешната политика.
„Ги гледам дебатите за тоа кој како работел. Мене идниот премиер никогаш не ми бил шеф и не сум сигурнен дека ја следел мојата работа, за да да биде во тек со сите напори во изминатиот период. Тој нема баш искуство и знаење во надворешната политика. Наш општ шеф е народот и тој ја дава својата оцена на избори. Јас бев еднаш носител на листа и победив, а во иднина може повторно ќе бидам дел од нив. Дури непристојно е да се зборува за резултатите од мојата работа во овие четири години и седум месеци, како министер за надворешни работи и како вицепремиер за европски прашања, кога најголемите успеси беа направени во надворешната политика. Јас го имав главниот збор во оваа област. На Маричиќ му посакувам успех и ќе го следам особено во овој дел. Ќе биде важно да се држи правецот и позициите, бидејќи без достоинствено решение овој проблем не може да се реши“,
рече Димитров.
Тој уште еднаш повтори дека будно ќе го следи процесот и, како што рече, „ќе отворам и повеќе ако мислам дека преговорите одат во погрешен правец“.