„Мислам дека секој треба да се соочи со правдата. Јас мислам дека се водеше политичка хајка и се најавуваше неговото апсење многу месеци порано“, вели потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во интервју за „360 степени“

Не знам, немам поим. Вака одговори потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на прашањето – дали знае каде е поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби.
Адеми одговори и дека не знае дали Груби ќе се врати во државава, а на прашањето дали треба да се врати, рече:
„Мислам дека секој треба да се соочи со правдата. Јас мислам дека се водеше политичка хајка и се најавуваше неговото апсење многу месеци порано. И пред составувањето на Владата. Ги имате јавните изјави од политичарите дека ’ние кога ќе дојдеме на власт ќе го апсиме итн.’“
На прашањето дали и ставањето на Артан Груби на црната листа на Соединетите Американски Држави (САД) го смета за хајка, Адеми одговори дека тоа е друга работа.
„Тоа ние го почитуваме како ДУИ. Тие ни се наши стратешки партнери. Но, дали има други луѓе на црната листа? Има. Дали се во затвор? Не се. Тоа е доволно“,
рече Адеми.